„Се ежам кога слушам со какви соништа живееле Нацева, Кастратовиќ… Се плашам дека денешните генерации, за жал, не знаат да сонуваат…“ (ВИДЕО)

Гостинка во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ беше претседателката на Федерацијата на училишен спорт во Македонија, Елена Мицковска, личност која во 2026 година остава силна трага како носечка фигура во организација на Светското училишно првенство во Македонија и првите Плазма Спортски игри во Македонија.

Меѓу бројните теми на разговор со првата жена која е претседател на Федерацијата на училишен спорт во Македонија, но и член на Извршниот одбор на Европската асоцијација на училишни спортови, Мицковска и со испратена порака до денешните млади генерации.

Некако, се издвои оценката, дали денешните генерации имаат свои соништа кога се спортските успеси во прашање!?

„Некој можеби ќе рече недостасува инфраструктура. Делумно ќе се согласам дека недостасува, меѓутоа дали Кометал Ѓорче Петров имаше инфраструктура кога ги постигнаа најголемите успеси, кога го живееја својот сон. Една Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева…. Дали тие мислите дека имаа услови? Немаа услови. Но, тие едноставно живееја за ракометот. Целиот свој живот го вложија и го посветија на ракометот за да својат една таква европска титула“ – вели Мицковска и дополнува:

„Јас го гледав подкастот кај вас и ми се допадна кога Гордана Нацева истакна, кога ја прашавте „дали се плашела во предизвикот да има, нели, подобар голман од неа во тимот?“ Ми се допадна нејзината изјава кога рече дека ‘ако треба нема да игра, ако треба ќе игра позиција пикер, меѓутоа да го оствари својот сон’. Знаете што значи за еден спортист да го оствари својот сон? Се ежам сега буквално. Е, кога така ќе размислуваат идните генерации, посебно девојките во спортот, мислам дека тогаш ќе може да направиме некои добри резултати. Но, недостасуваат ликови како Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ, Јелена Антиќ, тука е Моника Гавриловска, поранешната кошаркарка Ленче Алексовска, нашата долгогодишна деканка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, моја драга професорка која беше позитивен модел за мене низ годините кога јас започнав да тренирам кошарка. Инспирација беа тие повозрасни категории спортисти. Е, денеска треба сите тие позитивни модели да бидат инспирација за нашиве идни генерации, да ги едуцираат, да им го покажат патот, да ги поддржат во тоа што го работат, да ги поддржат во својот сон. Овие генерации некако, за жал, не знам дали знаат да сонуваат!?“

ГЛЕДАЈТЕ ГО ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ЕЛЕНА МИЦКОВСКА ТУКА…

Се вчитува...