Се формира „Втора лига“ на АБА – во неа Карпош соколи и можеби Работнички?!

Претставниците на АБА-лигата денеска во Загреб ќе одржат важен состанок на кој ќе се дискутира за иднината на ова регионално кошаркарско натпреварување. Откако минатото лето клубовите ја презедоа контролата над АБА, која дотогаш важеше за „приватна лига“, за годинава се најавуваат нови промени – и тоа воведување на „Втора лига“ во рамките на АБА, која по квалитетот би била пониска од Првата, но во секој случај би била на повисоко ниво од домашните првенства во регионот.

Со реализација на оваа идеја во следната сезона во Првата лига би учествувале исклучиво екипите кои важат за „основачи“ на АБА, додека во втората би се нашле клубови кои би обезбедувале учество преку пласманот во домашните првенства. Иницијатори на идејата се клубови од Словенија и од Хрватска, а како главен ривал најпрвин се појавуваше Црвена звезда, која не сакаше ни да чуе за „затворена лига“, но последните информации велат дека актуелниот шампион го променил својот став, па е подготвен да гласа за овој предлог. Останува само уште да се утврди начинот на преодност од едната во другата лига, односно бројот на екипи кои од Првата би испаѓале во Втората лига и обратно, колку второлигаши од врвот на табелата би обезбедиле промоција во елитното регионално кошаркарско натпреварување.

Станува збор за важен детал, но клубовите се подготвени да најдат решение и за овој „проблем“, со што дефинитивно би бил изгласан и изгледот на лигата за следната сезона. Од аспект на Македонија, член на „Првата лига на АБА“ би останал МЗТ Скопје како еден од основачите на регионалното натпреварување. Што се однесува до Втората лига, таму сигурно би се нашол Карпош соколи како шампион или вицешампион на Македонија (во зависност од исходот од утрешната мајсторка). Не се исклучува можноста Македонија да има и втор претставник во оваа Втора лига, во случајов тоа место би му било дадено на Работнички, како подобро пласирана екипа во Супер-лигата од Куманово (двата поразени полуфиналисти во плејофот).

Останува да се види што точно ќе се случува на денешниот состанок во Загреб, но информациите на ЕКИПА говорат дека кај речиси сите клубови основачи постои сериозен интерес лигата барем оваа сезона да биде „затворена“ и во неа да учествуваат само оние кои беа дел од нејзиното формирање.

Се вчитува...