Фудбалската федерација на Македонија, се огласи по повод полициската акција утрово, во која беше приведен поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и негови соработници во тоа време, поради тоа што се обвинети дека нанеле штета на Федерацијата.
Утрово Основното јавно обвинителство за гонење на криминал во координација со Финансиската полиција, го приведоа Ѓорѓиоски и уште десетина соработници.
Од ФФМ велат дека предметот бил пријавен во 2019 година, и била поднесена кривична пријава во 2020 година. Од таму истакнуваат дека вкупната штета била 2,5 милиони евра, а на крајот на 2025 година била побарана дополнителна документација, и истата била доставена до Обвинителството.
„Во врска со предметот кој Фудбалската федерација на Македонија го пријави до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во 2019 година, информираме дека по поднесената пријава беше спроведена истрага од страна на Управата за финансиска полиција, по што во 2020 година беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство. Според документацијата доставена до надлежните институции, вкупната штета нанесена на Фудбалската федерација на Македонија за периодот од јануари 2015 година до крајот на 2019 година изнесува повеќе од 2,5 милиони евра. Во изминатиот период ФФМ немаше повратни информации за текот на постапката и евентуалното постапување по предметот. На крајот на 2025 година од Федерацијата беше побарана дополнителна документација, која во целост беше доставена до надлежното обвинителство на почетокот на 2026 година. Истовремено, со официјален допис повторно беше укажано на висината на утврдената штета и беа доставени дополнителни релевантни информации. Фудбалската федерација на Македонија ќе продолжи целосно да соработува со сите надлежни државни институции во постапките поврзани со евентуални незаконитости и заштита на интересите на Федерацијата“, велат од ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
