Се отвора патот до врвот за Вардар, Ф4 веќе не е невозможна мисија

Новата 2017 година почна одлично за ракометарите на Вардар, кои најпрвин експресно го осигураа првото место во регуларниот дел од СЕХА-лигата, а и без ниту еден одигран натпревар одлично се отвора патот на „црвено-црните“ кон врвот во групата во Лигата на шампионите. Имено, поразот на Кјелце од Некар Левен му оди во корист на македонскиот шампион, кој со победа на утрешниот натпревар против Загреб би се искачил на првото место во групата, со ист број на бодови, но и подобар меѓусебен скор во пресметките со Кјелце. Она што е уште позначајно, „црвено-црните“ веќе ги одиграа најтешките натпревари во ЛШ, по двата натпревари со Кјелце и Некар Левен, па идеално им се отвора патот со нова победничка серија да стигнат до врвот на табелата, нешто што не им успеало во претходните години.

Распоредот барем на хартија е полесен од оној на ривалите, па така „црвено-црните“ најтешкиот предизвик би требало да го имаат на 18 февруари, кога гостуваат во Унгарија на незгодниот тим на Пик Сегед. Двата домашни дуели со Целје и со Кристијанштад се мечеви на кои победата не би требало да биде доведена во прашање, а на 4 март „вардарци“ ги очекува и гостување во Белорусија против екипата на Мешков Брест.

vardar raspored.jpg

Освојувањето на првото место во групата е многу значајно и за натамошниот расплет во нокаут фазата од Лигата на шампионите, бидејќи носи полесен пат до остварувањето на сонот – пласман на фајналфор турнирот во Келн. Имено, доколку ја заврши групната фаза на првото место, Вардар со самото тоа автоматски би бил слободен во осминафиналето и би добил директен пласман во четвртфиналето, на само еден чекор до Ф4. Таму „вардарци“ за ривал би го имале четвртопласираниот тим од групата А или петтопласираната екипа во групата Б, што речиси сигурно ќе значи избегнување на главните фаворити ПСЖ и Барселона, кои важат за најтешки ривали од групата А. Како што стојат работите во моментов, четврти тим во А групата би можел да биде Фленсбург, Веспрем или Кил, тимови од европско реноме, но исто така и тимови кои сезонава играат под своето реноме и кои можат да бидат совладани во меѓусебните пресметки со македонскиот првак.

До крајот на групната фаза има уште пет рунди, но едно е јасно – Вардар сигурно чекори во новата европска сезона и ако продолжи во ист стил и во следните три месеци, успехот наречен фајналфор е сосема реален за нов историски резултат на македонскиот клупски ракомет.

Се вчитува...