Виктор Монтаљани размислува за кандидатура за претседател на ФИФА, што би го направило сериозен противник на Џани Инфантино на претстојните избори, објавија англиските медиуми.
Претседателот на Конфедерацијата на фудбалски асоцијации на Северна и Централна Америка и Карибите (КОНКАКАФ) има амбиција да ја води ФИФА и размислува за официјална кандидатура што мора да ја поднесе до 18 ноември. Според изворите, приоритет на 60-годишниот Монтаљани е да биде реизбран за шеф на неговата конфедерација, но се знае дека тој сака да стане и претседател на ФИФА.
Се разгледуваат две стратегии: директно соочување со Инфантино или вршење притисок врз сегашниот претседател да се повлече.
Отфрлањето на планот на Инфантино за продажба на акции на ФИФА на приватни инвеститори од страна на КОНКАКАФ било тактички мотивирано. Целта била да се усогласи со УЕФА за да се обезбедат идни гласови. Тоа би значело дека Инфантино е против 96 асоцијации членки, 41 од КОНКАКАФ и 55 од УЕФА, кои би можеле да го блокираат неговиот реизбор доколку се појави силен противник.
Кој е Виктор Монтаљани?
Виктор Монтаљани е канадски претприемач и фудбалски службеник, претседател на КОНКАКАФ и потпретседател на Советот на ФИФА. Роден е на 12 септември 1965 година и со години држи важни позиции во северноамериканскиот и светскиот фудбал.
Монтаљани некогаш играл за аматерскиот клуб Колумбус ФК. Надвор од фудбалот, работел како менаџер во „Хоган и Кокс Иншуренс Аџустерс“ во Мејпл Риџ пред да се пресели во Ванкувер во 2003 година. Студирал на Универзитетот „Сајмон Фрејзер“.
Тој станал претседател на Фудбалската асоцијација на Британска Колумбија во 2005 година. За време на неговиот мандат, тој го поддржувал правото на сикските играчи да носат патка (прекривка за глава во сикската заедница) за време на натпреварите, откако судијата му наредил на 17-годишен играч да ја отстрани или да го напушти теренот.
Тој беше избран за претседател на Канадската фудбалска асоцијација во мај 2012 година. За време на неговиот мандат, Канада го организираше Светското првенство во женски фудбал во 2015 година, а беше лансирана и Канадската премиер лига, највисокото ниво на канадскиот клупски фудбал.
Во јули 2012 година, Монтаљани беше еден од главните поддржувачи на кандидатурата на Канада за домаќин на Светското првенство во 2026 година. Таа иницијатива подоцна прерасна во заедничка кандидатура на Канада, Соединетите Американски Држави и Мексико, на која и беше доделена организацијата на турнирот во 2018 година.
Во февруари 2016 година, тој ја објави својата кандидатура за претседател на КОНКАКАФ, конфедерацијата што ги обединува фудбалските асоцијации на Северна и Централна Америка и Карибите. На изборите одржани на 12 мај 2016 година, тој го победи Лари Мусенден од Бермудите и стана претседател на организацијата. Покрај оваа позиција, тој е и потпретседател на Советот на ФИФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
