Се повреди со репрезентацијата, нема да игра за МЗТ Скопје

Новиот тренер на МЗТ Скопје Аеродром, Александар Петровиќ, уште од самиот почеток од новиот ангажман се најде во непосакувана ситуација, откако по настапот за македонската национална селекција во квалификациите за СП 2023 со здравствен проблем се врати центарот на „металците“, Бојан Крстевски.

Искусниот кошаркар има повреда на препоната, поради која ќе биде надвор од тренажниот процес во следните 10-15 дена. Ова, секако, ќе донесе главоболка кај нашиот стратег, кој ќе треба да најде начин како да ја пополни празнината во играта под кошевите. Крстевски ќе ги пропушти дуелите против Работнички (5 март) и Ангели (12 март), а лекарскиот тим на МЗТ ќе стори сè да го оспособи за дуелот против Гостивар (16 март), последен пред турнирот од АБА2-лигата во Широки.

Крстевски веќе трета сезона е еден од носителите на играта на МЗТ Скопје, чие отсуство ќе треба да го „покријат“ останатите високи играчи во тимот, пред сè Роберт Рикиќ, Немања Милошевиќ и Хуан Дејвис.

Се вчитува...