Се што треба да знаете за ЕВРО 2020 и за новите квалификации

Со денешниот натпревар меѓу Казахстан и Шкотска во 16 часот и официјално беше означен стартот на новиот квалификациски циклус, овојпат борба за место на ЕВРО 2020. Како што е добро познато, Македонија е дел од „групата Г“ заедно со селекциите на Летонија, Полска, Австрија, Словенија и на Израел. Во пресрет на новите квалификации, ова се фактите што треба да ги знаете за ЕВРО 2020.

Клучни датуми

Квалификациите стартуваат денеска и ќе завршат до крајот на месец ноември. Ждребот на групите за ЕВРО 2020 ќе се одржи на 30 ноември во Букурешт. Првиот натпревар од ЕВРО 2020 ќе се игра на 12 јуни на „Олимпико“ во Рим, а финалето е закажано за 12 јули 2020 година на „Вембли“ во Лондон.

Градови-домаќини

УЕФА реши овој шампионат да биде организиран ширум цела Европа, па за домаќини беа избрани 12 градови домаќини, и тоа:

ЛОНДОН, АНГЛИЈА – Три групни средби, едно осминафинале, две полуфиналиња и финале.

БАКУ, АЗЕРБЕЈЏАН – Три групни средби, едно четвртфинале

МИНХЕН, ГЕРМАНИЈА – Три групни средби, едно четвртфинале

РИМ, ИТАЛИЈА – Три групни средби, едно четвртфинале

САНТ ПЕТЕРБУРГ, РУСИЈА – Три групни средби, едно четвртфинале

АМСТЕРДАМ, ХОЛАНДИЈА – Три групни средби, едно осминафинале

БИЛБАО, ШПАНИЈА – Три групни средби, едно осминафинале

БУКУРЕШТ, РОМАНИЈА – Три групни средби, едно осминафинале

БУДИМПЕШТА, УНГАРИЈА – Три групни средби, едно осминафинале

КОПЕНХАГЕН, ДАНСКА – Три групни средби, едно осминафинале

ДАБЛИН, РЕПУБЛИКА ИРСКА – Три групни средби, едно осминафинале

ГЛАЗГОВ, ШКОТСКА – Три групни средби, едно осминафинале

 

„Посебен третман“ за домаќините

Бидејќи станува збор за 12 земји, ниту една од нив ќе нема атоматски пласман на ЕВРО 2020. Сепак, веќе е одредено во кои групи би се нашле домашните селекции доколку ги минат квалификациите, а според правилата на УЕФА на нив им е загарантирано две од трите средби во групата да ги играат на домашен терен. Ако двете предвидени селекции се пласираат на ЕВРО 2020, со ждрепка ќе се одреди која од нив ќе биде домаќин во меѓусебниот дуел. Ниту еден ко-домаќин на шампионатот нема загарантирана улога на домаќин во средбите од нокаут-фазата, освен Англија доколку стигне до полуфиналето или финалето.

ГРУПА А: Италија (Рим), Азербејџан (Баку)

ГРУПА Б: Русија (Санкт Петербург), Данска (Копенхаген)

ГРУПА Ц: Холандија (Амстердам), Романија (Букурешт)

ГРУПА Д: Англија (Лондон), Шкотска (Глазгов)

ГРУПА Е: Шпанија (Билбао), Р. Ирска (Даблин)

ГРУПА Ф: Германија (Минхен), Унгарија (Будимпешта).

Како да се стигне до билет за ЕП?

Пласманот на ЕП е „лесен“ за „математика“. На овој шампионат ќе учествуваат 24 селекции, од кои четири ќе се пласираат преку Лигата на Нации, а 20 преку квалификации. Во овој квалификациски циклус селекциите се поделени во десет групи, од кои најдобри две репрезентации од секоја група ќе се пласираат на ЕВРО 2020.

Систем на натпреварување на ЕВРО 2020

24-те селекции на шампионатот се поделени во шест групи од по четири репрезентации. Пласман во осминафиналето ќе обезбедат најдобрите две репрезентации од секоја група, плус четирите најдобри третопласирани селекции.

Се вчитува...