Се собра репрезентацијата: Давитков без Соколов, Николовски и Маслинко против Швајцарија

Македонската кошаркарска репрезентација го одржа првиот собир во рамките на подготовките за натпреварот против Швајцарија од претквалификациите за ЕП 2021.

Селекторот Јорданчо Давитков за гостинската пресметка против Швајцарците на 28. јуни, од повиканите репрезентативци, и дефинитивно нема да може да смета на Дарко Соколов, Кирил Николовски и Андреј Маслинко кои откажаа поради повреди.

„Ова е навистина еден тежок период за кошаркарите затоа што доаѓа еден меч по крај на сезона, и сега мора да се вратат во соодветен ритам за да одговорат на обврските. Од друга страна и составот ќе биде малку изменет бидејќи откажаа тројца кошаркари, Дарко Соколов повреда на коленото, Кирил Николовски има повреда на зглобот која подолго ја време ја влече а утрово и Андреј Маслинко не информираше дека ќе оди на операција на рачниот зглоб“ – ни изјави Давитков за време на денешниот прв собир, притоа дополнувајќи:

„Во секој случај ќе се обидеме да ги вратиме кошаркарите во некоја натпреварувачка форма и овие десеттина дена добро да се подготвиме за циклусот да го завршиме на првото место со уште една победа против Швајцарија… Но, нема да биде воопшто наивен натпревар. Ќе биде тежок дуел против навистина солидна екипа која има неколку играчи од екс-југословенските простори. Знам дека сите очекуваат победа од нас, но ќе треба навистина максимален ангажман за да се реализира тоа“.

На денешниот тренинг недостасуваше Александар Костоски кој ќе се приклучи за два дена, а на мала повреда се жали и Бојан Крстевски, но тој иако го пропушти денешниот прв тренинг од утре активно ќе се приклучи на националниот тим.

Според планот на стручниот штаб, ќе се тренира во Скопје до 27. јуни кога се патува за Фрибург. Давитков сега за пресметката со Швајцарците дефинитивно ќе може да смета на: Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Александар Костоски, Андреј Магдевски, Димитар Караџовски, Бобан Стајиќ,  Адем Мекиќ, Стојан Ѓуроски, Бојан Трајковски, Бојан Крстевски и Александар Штерјов, како и на новиот натурализиран Американец, Шејн Витингтон кој од денеска од првиот собир е со репрезентацијата.

По три одиграни натпревари Македонија е на врвот на табелата во групата А, со исто толку победи.

Се вчитува...