Седлоски е човек за титули во ПМФЛ

Само во една сезона Гоце Седлоски, актуелниот предводник на Шкупи, не успеал да освои титула во Првата македонска фудбалска лига. Тоа беше во онаа 2013/2014, кога беше на кормилото на Хоризонт Турново, и заврши како второпласиран зад Работнички, правејќи го најголемиот успех на клубот во својата историја, успех кој стои запишан и ден денеска.

Тоа воедно беше дебитантска сезона како тренер во ПМФЛ за Гоце Седлоски, а потоа на секое негово работење во ПМФЛ се закитуваше со шампионски трофеј. Серијата почна во 2014/2015 кога стана спортски директор на Вардар, а „црвено-црните“ под палката на Сергеј Андреев успеаја да дојдат до шампионскиот пехар. Потоа следуваше тренерска смена по елиминацијата од АПОЕЛ во квалификациите во Лигата на шампионите, па така на кормилото седна Седлоски.

Седлоски во следните две години ќе успее да освои две титули, а во третата сезона почна да го води тимот, го елиминираше Малме во ЛШ, беше елиминиран од Копенхаген, по што си поднесе оставка, непосредно пред домашниот дуел со Фенербахче, и на негово место дојде Чеде Јаневски.

Седлоски се реши да почне интернационална кариера, и ги презеде Рига, Широки Бријег и вториот тим на Динамо Загреб, но без значаен успех. Со Широки играше во финалето на Купот на БИХ во сезоната 2018/2019.

Се враќа во македонскиот фудбал, и станува спортски директор на Вардар во 2019 година. Иако тоа никој не го потврди од клубот, сепак, беше јасно дека Седлоски е поставен на таа функција.  И покрај проблемите кои ги имаше екипата, на крајот успеа со подмладени сили да дојде до пехарот. Откако се растурија работите во Вардар, и целосен егзодус од екипата, си замина и Седлоски.

Лани го презема тимот на Шкупи сред сезоната 2020/2021. Беше јасно дека шансите за титула се загубени, но затоа во новата сезона импресионираше и повторно дојде до нова титула.

Седлоски со овие три титули како тренер ги стигна Ќатип Османи и Зоран Смилевски, а го надмина Илчо Ѓорѓиоски кој има два трофеи. Сега Седлоски може да тргне по рекордните пет на Ѓоко Хаџиевски и на Ѓоре Јовановски.

Се вчитува...