Седлоски се враќа како спортски директор во Вардар

Гоце Седлоски е пред повторно враќање во ФК Вардар на позицијата спортски директор во клубот, дознава ЕКИПА.

Поранешниот македонски репрезентативец кој во 2014 година ја извршуваше истата функција во редовите на „црвено-црните“, а потоа две сезони беше и шеф на стручниот штаб, сега е повторно пред преземање на менаџерската функција во спортскиот дел. Според нашите информации, Седлоски е веќе во финални разговори со сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко да го замени на оваа позиција Дарко Панчев, кој од поодамна де-факто е безгласна буква околу функционирањето на првиот тим.

Седлоски во моментов е тренер на босанскиот прволигаш Широки брег, а по заминувањето од Вардар во јули 2017 година најпрво беше тренер и на летонски Рига. Последната шампионска титула на Вардар во сезоната 2016/2017 беше освоена токму под палката на Гоце Седлоски.

Вардар актуелнава сезона ја минува низ постојана неизвесност поради финансиските проблеми. Повторно клубот е пред можност за суспензија од УЕФА во очекување на вториот рок, до 1. април, за подмирување на долговите кон поранешни фудбалери кои веќе имаат поднесено официјални тужби пред ФИФА и УЕФА.

 

Се вчитува...