ЕКИПА ВО ЉУБЉАНА,
Никола Станикевски
Фудбалската репрезентација на Македонија утре против Словенија ќе го одигра вториот натпревар Б-дивизијата во новото издание во Лигата на нации.
По воведниот пораз од Швајцарија, мислите сега се насочени кон Словенците кои во првото коло ремизираа против Шкотска.
Селекторот, Гоце Седлоски на денешната прес-конференција ги кажа своите очекувања за утрешниот меч.
„Мораме да ги поправиме грешките од мечот со Швајцарија. Ќе има освежување во играчкиот кадар и ќе дадеме максимум утре. Словенија во 2024 играше на Европско првенство и тоа кажува многу за нив. Резултатите кои ги имаме ги оставаме позади нас и мислиме само на мечот утре. Со вжештана глава малку лошо се изразив дека не сум задоволен. Имам златни деца, феноменални фудбалери. Утре ќе има и освежувања и мислам дека кој и да се појави на теренот ќе даде максимум. Атмосферата во тимот е одлична и тоа ни дава поголема волја и желба за позитивен меч. Фудбалерите јас ги бирам и одговорноста е моја. Го следевме натпреварот со Шкотска и анализиравме“, почна Седлоски.
Селекторот вели дека не сака никого да потценува, но дека Швајцарија е скалило погоре од сите репрезентации во оваа група.
„Не потценуваме никого, но Швајцарија е поквалитетна од сите други екипи во групата. Се надевам дека ќе одиграме на ниво и ќе стигнеме до поволен резултат. Анализиравме добро и ќе има освежување во тимот, но чекам да заврши тренингот па ќе одлучам. Сакам секој да игра на својата позиција. Швајцарија ми беше идејата Костадинов да ја затвори левата страна, но не ни помина тоа. Ќе направам се утре секој играч да игра на своја позиција“, заврши Седлоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
