СЕДМЕРЕЦ: Добитници и губитници

Екипа

Металург го прокоцка „дијамантот“ за ич пари, Еурофарм Работник доби џек-пот, Кузмановски плата и Супер лига

1.„Фабрикант“ за големи европски клубови

Кога го донесе од Битола во Автокоманда, Лино Червар велеше дека Филип Кузмановски е „небрусен дијамант“. Ако се избруси добро, ќе биде вреден производ.

Сега “дијамантот“ се врати во Битола да ја доигра сезоната во Еурофарм Работник оти во Металург му должеа плати. Ултиматумот еднаш успеа, вториот пат доби поинаква завршница.

Кузмановски врз основа на долгот доби раскин на договорот, Еурофарм Работник беше „најконкретен“ во понудата…Металург остана и без играч и без пари, само со „избришан“ долг од некои 15-16 илјади евра.  Речиси ич пари за „капиталец“ како Кузмановски за кој во изминатите години имаше понуди на маса од Франција, Германија, Данска…

Можеше ли Металург да одигра подобро во овој „загубен меч“?  Можеше и требаше, уште повеќе што со Кузмановски во составот полесно се продаваше и приказната за новиот амбициозен проект на македонска репрезенативна база.

Случајот „Фитиљ“ покажа дека во Металург,  и новиот проект, всушност, е старата песна – играме во СЕХА и во ЛШ, ама пари нема! Кој сака, нека повели.

Со „Фитиљот“ случајно излезе на виделина уште една работа што и тоа како, уште во темел ја поткопува приказната за македонската база и клубот фабрикант што ќе „произведува играчи за големите европски клубови“.

Според реакциите, изгледа дека редовна плата во Автокоманда летово имало само хрватскиот репрезентативец Халил Јагањац за да не замине во Загреб, другите чекале „од петок до следна среда“, вклучувајќи го и капитенот.

А, капитенот на крај, од цела Европа заврши во Еурофарм! Со сиот респект за работата и за вложувањата, ама помладиот од двата битолски клуба се уште е само тазе македонски суперлигаш, далеку од големите европски имиња.

2.Иста цел, различен пат

Оттаму помалку изненадувачки беше изборот на Кузмановски во можеби, пресвртната сезона во кариерата да се врати во Битола и во суперлигашката конкуренција да држи форма за Бундеслига! Деновиве пред разврската и договорот и самиот потенцираше дека приоритет ќе му биде да замине во странство, да биде во добар тренажен процес и да игра во Лигата на шампионите. На крај одбра  добра плата, домашна сцена и евентуално, настап во главната фаза од ЕХФ Купот.

До пред две сезони во Автокоманда се „брусеа“ двата најголеми македонски дијаманти од новата генерација – Филип Кузмановски и Филип Талески. И двајцата заминаа пред да заврши процесот, едниот порано, другиот малку подоцна. Металург лесно ги испушти, а тие одбраа различен пат.

Талески реши да го продолжи брусењето, трпеливо да ја гради кариерата и да ја чека својата шанса во најсилната можна конкуренција во Рајн Некар Левен.

Кузмановски одбра друг пат со поголема слобода и минутажа, но и опасност да го загуби јуниорскиот сјај додека да стигне до Магдебург.

Што било подобро ќе може вистински да се процени по пет или по десет години кога овие двајца ракометари треба да прераснат во новите лидери на македонската репрезентација, избрусени во полн сјај или заборавени во лагодноста на просечноста.

3.Егзотични засилувања и тешки разочарувања

Старите пелистерци се истуфкаа малку и се лутеа на управата што во сите можни засилувања летово, го испушти најважното и дозволи „комшиите“ да им го земат „нивното дете“ Филип Кузмановски. Капиталецот им беше во дворот, додека тие бараа бек дури до Габон. Пропуст или стратегија, тие си знаат најдобро.

По засилување на друг континент според најавите, тргна и Вардар, па неколку дена со „црвено-црните“ се поврзуваше името на Алжирецот Калифа Гебдан. Очајната потрага на шампионот по втор голман стигна и до Белорусинот на голот на Констанца, Вјачеслав Салдатсенка. Ако успее да се реализира некоја од најавите, рокот за пријавување во ЛШ истекува денеска.

Во меѓувреме, Вардар слично како Еурофарм, го „ќари“ словенечкиот „фитиљ„, Грегор Оцвирк кој во замрсени односи го напушти Целје и на три години се пресели во Скопје.

Вардарци викендов добро поминаа и резултатски и во стани-падни дуелот го решија Татран за трета победа во серија во СЕХА.

Металург пак го врза третиот пораз. Но, има и нешто светло во целата ситуација во Автокоманда дополнително обремента со повредите кои се нижат заедно со поразите. Импонира решеноста на Данило Брестовац да извлече максимум со тоа што го има и покрај сите пехови и проблеми и храброста што ја прикажаа младите „металузи“ решени и покрај се да се борат до крај. Како синоќа против Нексе…

За разлика пак, од разочарувачкото издание на женскиот состав на Металург кој доживеа дебакл во првото квалификациско коло во ЕХФ Купот. Колку и да е францускиот Иси Париз посилен, поквалитетен и со милионски буџет, сепак, да играш во европски купови и да постигнеш само 1(ЕДЕН) гол за цело полувреме е премногу несериозно, понижувачки и загрижувачки. И за Металург и за македонскиот женски ракомет.

Се вчитува...