СЕДМЕРЕЦ: Кај што течело – пак ќе тече…

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Ветувачка порака од Автокоманда

1. Металург крена глава

Два моменти деновиве ја раздвижија Автокоманда – дојде првата победа и замина Халил Јагањац со шестоцифрена наплата…

Младиот тим од Автокоманда конечно ја прескокна „црната дупка“ во играта со која Данило Брестовац мака мачеше во изминативе два месеци. „Металурзи“ мотивирани и инспирирани конечно и се израдуваа на првата победа сезонава и со кренати глави го испратија Татран Прешов.

Дуелот со „татраните“ на Славко Голужа во СЕХА се погоди да биде проштален за Халил Јагањац, најголемата инвестиција на Металург во последниве неколку сезони. Јагањац одигра лидерски и живна целиот тим.

Проблемот со „црната дупка“ очигледно повеќе бил во главата отколку во нозете.

2. Во Автокоманда нема „зима“

Што се однесува пак до Хрватот, иако разделбата дојде на сред сезона, од Металург заминува пријателски и победнички. Не во Загреб, туку во Нашице, ама за толку колку што вреди.

На прв поглед, задоволни се и во Металург. Остануваат без својот прв стрелец, но финансиски и „тактички“ тие се победници.

На крај на денот Јагањац испадна добра инвестиција за тимот од Автокоманда. Од ПСЖ го купија за некаде околу 40 илјади евра, во Нексе го продадоа за некаде околу 120 илјади евра. Ако се одбијат платите и трошоците во изминатите година и некој месец, играњето на талентираниот хрватски репрезентативец излегува гратис и останува плус нешто на страна.

Така Металург и Јагањац „тактички“ го надиграа Лино Червар кој познавајќи ги состојбите, настојуваше да ја искористи „кризата“ во Автокоманда и да го земе својот пулен во ППД Загреб за „пола цена“. Во македонско-хрватските преговор, неочекувано влезе Нексе со „фул понуда“ и амбиција со Јагањац да ја напаѓа шампионската позиција на ППД Загреб. И победи во наддавањето.

„Учителот“ ги потцени своите „ученици“, а тие му одиграа „7 на 6“! Како ќе заврши мечот во продолжение, ќе видиме…

Металург, пак, за два месеци остана без два клучни играчи – без Филип Кузмановски и без Халил Јагањац. Уште неколку „металурзи“ се на радарот, но од клубот велат, нема простор за загриженост – доаѓаат нови деца, а проектот е долгорочен.

Има и една ветувачка порака од Автокоманда:

 „Кај што течело, пак ќе тече…“

Нова е, излезе деновиве!

3. Охрид ечиТ

И додека во Скопје „двајца без тројца“ ја поздравија првата победа на Металург, вистинската ракометна фешта неделава беше во Охрид.

Езерското суперлигашко дерби меѓу Охрид и Струга ја разбранува македонската ракометна сцена и ги наполни „Билјанини извори“. Во атмосфера како што немало уште од времето на големото скопско дерби кога „се јадеа“ Вардар и Металург, Охрид ечеше победнички.

Горан Андоновски со својот Охрид сега на домашен погон, го победи Андон Бошковски со амбициознот струшки проект, во амбиент што долго ќе се памети.

И сега Охрид ечиТ во ракометна еуфорија. Викендов, поголема и од скопската и од битолската. Резултат на работа и упорност, понекогаш и спортски инает.

4. „Ел команданте“ постројува – пребројува

Во Битола, пак, неделава се враќа репрезентативниот ракомет. По подолго време градот ќе биде домаќин на машката ракометна репрезентација во дуелот против Турција со кој ќе биде означен почетокот на новиот циклус квалификации за ЕП 2020.

А, потоа малку по на југ, го „напаѓаме“ Кожани во пресметка со Грција.

Или ќе го „браниме“ со четворица голмани во составот што го одбра селекторот Раул Гонзалес за овој репрезентативен собир.

„Ел команданте“ денеска ја постројува четата, со старите борци без Миркуловски кој побара одмор, со по некое ново име и со ниеден од младите надежи кои тропаат но, засега остануваат само на кваката од врата на сениорската репрезентација.

Токму вакви натпревари со противници како Турција и Грција се можеби идеална шанса младинците полека да прераснуваат во сениори и да собираат искуство.

Да не биде после пак „кус ростерот“ кога ќе дојдат Шпанија, Хрватска, Исланд…

Се вчитува...