СЕДМЕРЕЦ ОД МЕЦ – ДЕН 6: Празна мрежа

Екипа

1. Пред и после Словенија

Еден пораз и веднаш се менува расположението. Не’ стивнаа Вујо и Словенците. Овој натпревар некако пак не враќа во реалноста. Двете „африкански“ победи ја подгреваа надежта.Европа веќе е друга приказна. Сите добро знаевме дека Словенија не може да биде Ангола, ама, сепак, ден-два пред натпреварот билдавме самодоверба, најавувавме молњи и грмотевици. Го повикувавме духот на старото ривалство меѓу Лино и Вујо. Верувавме дека „стариот лисец“ ќе извади некој адут со „новата Македонија“… Дури и се обложувавме со словенечките колеги. На промајата во новинарското „бифе“ меѓу два тоалети, си ги броевме отсутните, нивните и нашите, вадевме прогнози и адути.

Во „Мец Арена“ пак, вистинска балканска атмосфера. „Фалангата“ од централната трибина се надгласува со словенечките навивачи сместени зад голот. Не траеше долго.

Вујо за десет минути не стави во гепек.

2. За мааните и голманите

Селекторот Лино Червар од почетокот на првенството, а и малку пред тоа умешно го одбегнува прашањето за голманите со еден дипломатски одговор – да зборуваме за целиот тим. На претходните два натпревари некако се вадевме со две-три клучни одбрани. Против Словенија се фативме во мрежата на неискуството на дебитантите на голот.

Вујо „не прочита“ и брзо не стави под контрола. Ние не успеавме да одговориме. Многу нешта во играта не функционираа баш како што треба. Ама, голманите се нели „половина тим“ и нив на голот нема кој да ги „покрие“, па први доаѓаат на удар. И за пофалби и за критики. Уште повеќе што Словенците имаа 16 одбрани и го имаа Скок во главна улога за победата. А, ние имавме скромни 6 на Трајковски и 0 на Колев. И многу голови на празна мрежа.

И пак се отвори темата за која овие месеци „гласно се молчи“, а на која селекторот упорно го одбегнува одговорот.

Зошто мораше токму на СП да експериментираме со двајца дебитанти на голот? Зошто многу поискусниот Никола Митревски наместо на голот седи на „сините столчиња“ на трибини, а Борко Ристовски го гледа СП во Франција на ТВ во Барселона?

Го прашавме селекторот дали размислува за голманска замена за наредните мечеви. Ни рече дека „Словенците добро играа на црта“?!. Го прашавме повторно…Рече „треба добро да се размисли пред да се донесе одлука“.

Од толку мислење имаме по пет одбрани на натпревар!

А противниците удираат токму таму – во празна мрежа.

3. Наши Шпанци професионалци

Го проголтавме некако поразот од Словенија, ги простудиравме статистиките, ги пречукавме изјавите и ги чекавме Шпанците да ја завршат „домашната“ против Ангола. Шпанците се нашите следни противници.

И секогаш се интересни за разговор. И, професионалци во односот со медиумите. Максимално! Сите до еден. А посебно овие „нашите“ од Вардар. Алекс Душебаев и Жоан Канељас веднаш штом завршат со обврските кон шпанските медиуми, со насмевка доаѓаат кај македонските.

„Знам дека ме чекате“ – ни вели вчера насмеан Алекс Душебаев.

И не е ни уморен ни нерасположен после натпревар. Напротив. Трпеливо на македонски се обидува да одговори на секое прашање.

Тука е и Жоан Канељас. „Ќе зборуваме на македонски, ама полека…“, ни вели шпанскиот бек и на симпатичен македонски се извинува што се уште не го совладал добро нашиот јазик. Го фали Столе, се шегува со новинарите, и посакува победи на Македонија. Само не на оној следниот меч со Шпанија…Има време за секое прашање, не брза во соблекувална. И, ги собира симпатиите од седмата сила. Максимално професионално. Секоја чест!

Се вчитува...