СЕДМЕРЕЦ ОД МЕЦ – ДЕН 7: „Phenomenal Handball“!

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

1. Тоа е тоа!

На крај сепак се поклопија коцките. Целта е остварена, Македонија ќе игра осминафинале на СП во Франција. И тоа е најважно. Да не се падне под линијата од најдобрите 16! И, тоа на два меча пред крај на групната фаза.

Сега може до сто и назад да „расправаме“ што беше клучно, нашата победа против Тунис на стартот или оној цепелин на Блаж Јанц за вчерашното реми на Словенија со Тунис…И едното и другото. Победата беше оној минимум што го отвори патот. Бодот од Словенците значи пократок пат до втор круг.

И, тоа е тоа, што би рекол некогаш „нашиот“ Словенец, Среќко Катанец.

Ама, битно атрактивно влеговме во втор круг, со „цепелин“. И имаше драма. Изгинавме вчера кој во сала кој пред ТВ, навивајќи за Вујо и за Словенците. Ќе ја биде, нема да биде. Водат, „пуштаат“, чекаат, напаѓаат, пресврт, еден па после уште еден. Се враќа Тунис, паѓа Словенија, па Тунис прокоцкува предност и напад за победа…како оној нашиот против Данска на ЕП во Србија… и на крај цепелин! Реми за Словенија, прослава за Македонија. Радости и победнички „фотки“ по папучи…

2. Можевме и сами…или не?!

Го погодија логото Французите – ФЕНОМЕНАЛ хендбол.

Феноменал-но е и за нас. Има – но, затоа што, ние фактички, може(вме) и сами да си го потврдиме и завериме осминафиналето против Исланд! Да не не фати инает…

И да не победеше Словенија, немаше да биде „потоп“. Македонија и понатаму ќе беше во игра за втор круг. Само што тогаш ќе беше „ич или брич“ во последниот натпревар против Исланд. А, сега сме мирни. Ќе играме за престиж, за 3.место и избегнување на Франција во осминафинале…и евентуално – за Тунис. Оти, сега пак ним може од нас да им зависи дали ние „ќе го исфрлиме“ Исланд од игра…Триста комбинации се вртат.

Само ние овде во „Mercure“ сме ни ваму- ни таму. Треба да одбереме еден од соседите…

3. Вујо мајсторе – Вујо мангупе

По натпреварот со Тунис, Вујо бодот за Словенија и го посвети и на Македонија. Им го посвети на Кире, на Жути, на Столе, на цела Македонија која живее за ракометот.

И тоа им го кажа на словенечките новинари кои, што е право, останаа малку во чудо. Некои можеби малку и му се подналутија.

Замислете, само да беше селектор на Македонија и да и посветеше бод на Словенија што ќе беше кај нас…

Ние и вака му најдовме маана. Требало да победи поубедливо за да не се нервираме цело време! Па, зошто ги штедел играчите, требало Словенија да игра со полна сила, оти на Македонија и требаше победа! Па, изјавата му била „мангупска“… Па за едни е „Вујо мајстор“, за други „Вујо мангуп“…

Ама, тој не знае, па не ни се лути.

Како сведок на настанот – изјавата беше искрена. Гарантирано!

Да излезеш пред своите и да им кажеш дека бодот им го посветуваш на другите. Треба да си навистина… со „црквени звона“!

Замислете ваква ситуација – Македонија денеска ја „стаписува“ Шпанија, и излегува Лино Червар и вели дека бодовите ги посветува на Словенија и на Словенците!

ФЕНО-МЕНО-МЕНАЛНО, зарем не!

Се вчитува...