СЕДМЕРЕЦ: Подобро еден отколку ниеден

СЕДМЕРЕЦ

Билјана Б. Петрушева

Не е победа, ама кога се ќе се собере и одземе, неделава имаше неколку битни – нерешени

1.Некогаш ќе беше катастрофа – сега е успех

Како тргна, изминатава седмица ракометот беше како болнички билтен. Повеќе за операции пишувавме отколку за резултати. Под нож отидоа Мораеш, Велковски, Борозан…и тој најстрашниот дел помина добро. Сега им останува оној потешкиот да се опорават и да се вратат на терен, кој побрзо, кој поспоро, зависно од маката. А, на Вардар и на Металург да се снаоѓаат како знаат и умеат и да стиснат заби уште едно коло, „металурзи“ до крајот, вардарци до зимската пауза во Лигата на шампионите.

Со оглед на здравствениот билтен и двете „воспитни“ од Барса пред тоа, за вардарци и тој еден бод донесен од Брест е и тоа како важен. Како што безмалку, цел натпревар беа во негатива и се бореа со Мешкови и со критериумот на Данците, погодокот на Дисингер и ремито во последен час дојдоа како награда за „црвено-црните“.

Во некои други не така дамнешни времиња, реми на поранешниот европски шампион во Белорусија ќе беше рамно на кастастрофа. Но, тоа во некои други времиња кога Милосављев и Скубе ја грабеа шансата да се докажат и покажат пред „црвено-црното“ семејство и пред светот, кога пикерите беа на број, а одбраната на Вардар прочуена во светот – и пошироко!

Или што би рекол еден мој стар колега од факултет, кога беше септември кога дојде декември.

Впрочем, не е веќе непоразен ни Раул со париските ѕвезди. Со Пастор и со ПИК Сегед, секогаш беше „тесно и неизвесно“ и кога беше на клупата на Вардар. Овој пат Пастор успеа да и стави крај на победничката серија на ПСЖ и да ја добие „валјадолидската тренерска“ пресметка.

И Лино Червар, одново на заминување, но овој пат од ППД Загреб, успеа да му земе бод на Нант и на Кире Лазаров. А, европскиот вицешампион, нешто слично како Вардар, на крај носи среќен бод од Загреб.

Подобро еден отколку ниеден!

2.За дербито битолско

Имаше ова деновиве изведба и во македонска верзија. Бод како планина освои Јошко Петковиќ со Пелистер во битолското дерби против Еурофарм Работник и му ја „расипа петката“ на градскиот ривал.

Три дена подоцна Пелистер му ги измеша сметките и на Пролет. И пак беше нерешено за да биде интересно во борбата за суперлигашкиот плеј-оф.

Донесе искусниот нишлија нови ветришта во Битола. Најави и нови промени и уште еден нов обид Пелистер по кој знае кој пат изминативе години, да се врати на старите патеки.

Првиот чекор ќе биде Пелистер да ги поправи грешките, да се „ослободи“ од неисплативите „странски инвестиции“ и да се сврти на домашните играчи.

Без разлика дали потегот е популистички, економски или чисто тренерски, наиде на одобрување во јавноста. А, Битола разбира ракомет.

3.Тој трае и заслужува!

На Кире Лазаров му се погоди Нант, на Нант му се погоди македонскиот бомбаредер и соработката продолжува до 2021.

Со таква доверба на 38 години во клуб од највисок ранг, ретко кој во спортот може да се пофали.

Но, Кире Лазаров во изминатите две децении многупати покажал и докажал дека е вонсериско издание. И дека во целата своја кариера знае перфектно прецизно да ја избере вистинската средина во вистински момент.  Да биде лидер и омилен лик кај публика.

Потписот на новиот договор на Лазаров со Нант можеби малку ги разжалости оние што го чекаа капитенот да се врати и можеби да одигра овде сезона-две. Но, сигурно ги израдува навивачите на Нант, олицетвортени во среќната насмевка на лицето на малиот Кантин кога го сретна својот идол.

Кире Лазаров трае долго на ракометната сцена и си ја заслужува секоја минута, година, деценија…

Се вчитува...