СЕДМЕРЕЦ: Поминаа сипаниците, фала Богу!

Екипа

Заминуваа, доаѓаа, паѓаа, се враќаа и на крај победија

1.Новото лице на Металург

После два месеци падни-стани, Металург конечно и се израдува на првата победа во Лигата на шампионите. Море, врзаа „металурзи“ за прв пат сезонава и две победи по ред, една во СЕХА со Татран, другата во ЛШ со Чеховски медведи. И тоа токму во транзиција – со Халил Јагањац на заминување и со новата словенечко-португалска тројка на доаѓање.

Металург „ги извади сипаниците“, и ги прележа, фала Богу! И „млечните заби“ и се по ред…

Замина капитенот Филип Кузмановски уште пред стартот, потоа замина и Халил Јагањац, па дојдоа Шпенде, Пучник и Рибеиро. Сега, барем на прв поглед, се чини дека конечно коцките се поклопија, „црните дупки“ се пополнија, исчена нервозата и несигурноста и на терен и на клупа. Се погодија и новите засилувања, колку и да е кусо времето за некоја поголема анализа.

Се разбранија голманите, помогнаа новите, се растрчаа децата, здивна Брестовац…И, на крај, си ја заслужија победата.

Велат, и сметките се подмирени и полека но, сигурно се појавува новото лице на стариот Металург.

Убаво си кажа претседателката Зорица Блажевска  – кај што течело пак ќе тече…И, протече.

Нека ми извини посилниот пол, ама женска рака побрзо расчистува, дефинитивно!

2.Публиката кај ви е?!

Скопје е убав град, и евтино е, ќе рече воодушевено Александар Шпенде.

И има викенд со два-од-два во Лигата на шампионите. Поубаво, здравје!

Додуша, се чудеше вчера еден руски колега каде се навивачите, а ние објаснувавме, фатени малку во „незгодно“.

„Ова е Скопје, а каде е публиката?! Бев вчера на Вардар со Мешков беше добро, ама пола празно. Овде на Металург многу празно…Зошто нема навивачи?“ – се чудеше Русинот разгледувајќи во необично празните трибини во „Борис Трајковски“.

А, нашиот колега до него се обиде да му го објасни македонскиот навивачки селфи-момент.

Но старс – но фанс! Ама ќе дојдат за Барса ќе биде полно, фул!

„Ааа, така…хорошо“ , вели збунет Русинот.

А бе, ич не е „хорошо“, ама тоа ни е.

3.Парондо го поздрави Каденас…и Карачиќ исто така

А, убава беше и победата на Металург вчера и таа на Вардар ден пред тоа.

Вардарци му „пуштија вода“ на Мешков Брест со „шега тим“ во СЕХА, загубија со 15 гола разлика, а три дена потоа го прегазија за десет минути.

Кусо траеше радоста на Белорусите и на Маноло Каденас на клупата. Игор Карачиќ реши да си поигра онака двоцифрено. Калифа Гедбан се разбрани како Дејан Милосављев… Надојде Вардар и искусно го разнесе Мешков Брест.

И, Парондо на крај го поздрави Каденас.

Вардар пак, уште еднаш потврди дека има „луда среќа“ со голманите. Од најслаба карта станаа ас во ракав. Се погоди Милосављев уште непрежален Штербик. А се погоди и младиот Алжирец донесен во „зорт“ на среќа.

Патем, Веспрем со Арпад Штербик губи не запира. Вардар со Гедбан победува! Логика нема, ама резултат има.

Скопје е убав град. И евтин е…

Се вчитува...