Сефери: Ја одбрав Албанија, а на Македонија и посакувам успех

Најмладиот фудбалер што заиграл за А-репрезентацијата на Македонија, Таулант Сефери (екс Сулејманов) јавно потврди дека во иднина сака да настапува за селекцијата на Албанија. Тој вели дека има голема почит кон Македонија, земјата каде што е роден и ги направил првите фудбалски чекори, но во него победила желбата да ја претставува репрезентацијата на неговата националност, Албанија.

Таулант Сефери својот став јавно го истакна со статус на Фејсбук.

„Последните денови моето име беше многу споменувано во медиумите и сакајќи да им ставам крај на шпекулациите и неизвесноста проценив дека треба да излезам со официјален став во кој ќе објаснам се околу мојата иднина.

Последните денови и јас бев во голема неизвесност, затоа што требаше да донесам важна одлука за понатамошниот тек на мојата кариера. До сега сум настапувал за Македонија, а пред неколку дена на моја адреса пристигна повик за да ја претставувам Албанија. Имајќи максимална почит за мојата родна земја, која ми дала многу и во фудбалската кариера со редовното вклучување во сите млади категории, па се до А – националниот тим, и има голем придонес за мојот досегашен развој, ми беше многу тешко да заземам конечен став. На едната страна беше почитта и благодарноста за Македонија, а на другата страна срцето и желбата за да ја претставувам репрезентацијата на мојата националност, Албанија. Ја анализиравме добро оваа ситуација и заедно со моето семејство решивме во иднина јас да играм за Албанија. Со помошта на Господ, се надевам на успеси, а во исто време очекувам мојата одлука да ја разбираат сите.

Во ова прилика сакам јавно да им се заблагодарам на сите во Фудбалската федерација на Македонија кои секогаш биле со мене. На Македонија и посакувам многу успех во иднина, а јас ќе се концентрирам моите амбиции да ги остварам преку црвено-црниот дрес на Албанија“, истакна Таулант Сефери.

Се вчитува...