Сефте за кумановци и во БИБЛ

Кошаркарите на Куманово ја надминаа мини-кризата по почетните два порази на стартот од сезонава, па по првиот триумф во домашното првенство денеска имаа сефте и во БИБЛ-лигата, славејќи на дуелот против Ибар со резултат 96-92. Иако потешко од очекувањата, „сино-белите“ сепак успеаја да стигнат до победа пред се благодарение на одличниот Караџовски, кој ја презеде одговорноста во последната четвртина и не им дозволи на гостите да приредат изненадување.

Куманово ја диктираше играта уште од самиот почеток, а најголемата предност во првата четвртина ја имаше кога Јанески погоди тројка за 21-15. Андрејевиќ постигна четири поени и на крајот овој период заврши со 23-19, за избраниците на Михајловски да продолжат да доминираат и во вторите десет минути од овој меч. Ковач погоди тројка за водство од 42-33, но гостите повторно собраа сили и се вратија, намалувајќи на 47-45, пред Јанески да реализира за конечни 49-45 на крајот од полувремето.

Слично како и во првите две четвртини, така и во третиот период Куманово успеа да се одлепи, а гостите да се вратат во мечот. Македонскиот тим фуриозно го почна полувремето и веќе во 23. минута стигна до двоцифрена предност (59-47), но Ибар подобро ја заврши четвртината, па во последните десет минути се влезе со само „плус три“ за Куманово (70-67). Изненадувачки, гостите доминираа на стартот од последната четвртина, поведувајќи со 70-74, а потоа и со 75-80. Сепак, Караџовски влезе во ритам во вистински момент, плејмејкерот постигна 11 поени за неполни седум минути и Куманово пак се врати во водство (85-84). Во последната минута резултатот гласеше 92-92, пред Караџовски да реализира за водство на македонскиот тим во БИБЛ. Гостите зедоа тајмаут на 13 секунди до крајот, но Ковач ја украде топката и му овозможи на Раме рутински да реализира за конечни 96-92.

Јанески и Караџовски со по 22 поени беа најдобри поединци и на овој натпревар за Куманово, а во добро светло се покажа и Ковач со 18 поени зад своето име.

Се вчитува...