Сега навистина е крај: Пандев објави – оди во пензија

Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Горан Пандев, дефинитивно му кажува збогум на активното играње на фудбал. Искусниот голгетер беше без клуб по истекот на ланската сезона што ја заврши како член на Парма, по што беше извесно дека ветеранот ќе му каже збогум на фудбалот.

Тој тоа официјално го обелодени во изјавата за италијанскиот весник „Газета дело спорт“, потенцирајќи дека во иднина ќе посвети повеќе време на семејството.

„По 20 години… Мојот најстар син има 13 години, а јас го гледав само на паузите меѓу првенствата. Сега е време да се посветам на најблиските. Потоа сигурно ќе работам нешто во фудбалот, затоа што не знам ништо друго да правам. Добра беше промената, летово бев без клуб и можев да се опуштам малку, да не тренирам со месеци. Не знам што би работел, но тоа нема да биде тренер. Можеби агент или спортски директор во некој клуб“, изјави Пандев за „Газета“.

Потоа, тој се осврна на дел од клубовите во кои настапуваше низ својата фантастична кариера.

„Во Џенова секоја година бев четврти напаѓач по некоја си хиерархија. И секоја година беше истото, на почеток на сезоната ми велеа дека помладите мораат да играат, а потоа ќе влезеа во серија очајни резултати, и ме ставаа мене да ги вадам. Не се жалам, беше забавно… Чуден е фудбалот, таа година во Лацио, не се договоривме со Лотито за нов договор, па не ми дозволи да тренирам со тимот. Се тужевме, го добив на суд и и во јануари заминав во Интер, по што станав европски првак“, вели Горан Пандев.

Се вчитува...