СЕИРМАНИЈА: Фудбал на македонски начин – Промоции со ракииче, тестови со Окжептес, Балмазујварош, Нематртемрте…

Од сега и СЕИРМАНИЈА на ЕКИПА… Спортот секогаш пред се треба да биде забава, иако сите ние неизбежно си го „лепиме на срце“ некогаш и премногу сериозно. Но, секако, шега никогаш не е на одмет колку понекогаш да се разбие нашето спортско сивило во кое знаеме да западнеме. Иако, и погледот од духовитата страна и тоа како знае и може, и помоќно од сериозниот пристап, да ги потенцира аномалиите во нашето спортско секојдневие. Токму затоа е тука СЕИРМАНИЈА…

==================================================================

Бројни љубители на фудбалот, по 100 од секој град колку што ни доаѓаат на стадионите, со нетрпение го очекуваат стартот на новата фудбалска сезона во нашата земја. А, јануари е дополнително интересен секако поради моќниот трансфер период. Е, кај нас нема некои трансфери, ама затоа има промоции на нови фудбалери за мерак…

  1. Уф-уф уживанција – Со ракииче и „кисел купус“ промоција…

Многу сум ќефосан што конечно нашите фудбалски клубови малку внесоа од македонската традиција во своето функционирање. Да ти е милина кога ќе видиш промоција на нови фудбалери на сред кафанче, со ракииче, луто пиперче, „кисел купус“ и карирано чаршафче… Срце ти се топи. Па, онака „буџите“ убаво седнати на маса, во преден план, распослани и среќни, а фудбалерите ко млади невести околу нив стојат простум, гувеат и молчат… Уф-уф уживанција!

Што би се рекло, промоцијата е за газдите, а јавноста, секако знае кои се новите фудбалери. Тие не се важни. Што би рекол и Амди Бајрам: „Па што има везе што реков купус, па сите знаат дека купус е зелка…“!

  1. Клубовите ни се спремаат за Европа – па, затоа тестови со Окжептес, Балмазујварош, Фероникели, Крупа…

И, нормално откако ќе следи добра промоција, потоа во подготвителниот период веднаш се стартува со силни пријателски натпревари. Кај нас, фала богу, по долги години, многу екипи бре „гризат“ да ја видат европската сцена… Покрај Вардар и Шкендија кои атакуваат на титула, Пелистер, Работнички, Силекс, Ренова ја сонуваат Европа. Па согласно тоа мора и добро да се подготват. И затоа следат пријателски натпревари со силни противници како Окжептес, Балмазујварош, Фероникели, Крупа… Абре нема трте-мрте. Идејата е фудбалерите да се навикнат да не се оптоваруваат со противникот против кој играат, туку да се концентрираат на својата игра. Затоа се одбираат противници со имиња кои никој не може да ги изговори… Мудра тактика, нема што!

  1. ЕКСКЛУЗИВНО: ФИФА ќе го менува начинот на рангирање заради Македонија!

Од извори блиски до ФИФА ексклузивно дознавам дека ќе се менува начинот на рангирање на репрезентациите на ФИФА листата. И, да бидеме горди, поради никој друг туку само поради Македонија. Нашата репрезентација така екстремно тоне со брзина на светлината, што ФИФА долго размислувала како да се справи со тоа. И конечно одлучи: ФИФА ќе отвори и посебна втора листа за ранкинг, за откако Македонија ќе стигне до последното место (кое наскоро се очекува) на оваа главната листа, да и се овозможи простор и потоа сама по себе уште да тоне на посебна- секундарна листа!

П.С… Оваа ексклузивна вест е забрането да се препишува и користи од други, без дозвола од авторот – т.е од мене!
  1. Вложуваме во спортската инфраструктура – ПРОЕКТ: „Македонија домаќин на ЗОИ 2030“

Имам уште една ексклузивна вест. Македонија подготвува кандидатура за организација на Зимските олимписки игри 2030. Веќе се вложува во соодветна инфраструктура како успешно би се организирале игрите. Интернационалниот олимписки комитет побарал гаранција дека ќе имаме доволно снежни услови за натпреварување, и сите терени ќе бидат максимално подготвени… Па, веднаш е обезбедена главната гаранција од „Македонија пат“, од каде раководителите и со свои животи гарантирале дека нема да биде исчистен ниту еден сантиметар снег, нормално ако падне… Секоја чест!

патека за бијатлон

П.С… И оваа ексклузивна вест и фоторафија не може да се земе без дозвола од авторот.
  1. Најголемата желба за 2017 – Самсоненко да биде тренер на ФК Вардар

Гледам бројни вардарови навивачи не се задоволни од тренерот на најтрофејниот наш клуб, Гоце Седлоски. И, јас мислам дека време е за промена на тренерот. Нема што многу да се размислува кога Вардар во своите редови го има еден од најголемите светски фудбалски стручњаци – Сергеј Самсоненко. Бројни фудбалски лица од земјава го посакуваат тоа. Тоа е на сите нас најголемета желба за 2017.. Еве погледнете…

П.С… И ова видео не смеете да го гледате без дозвола од Злате од ФФМ!

Се вчитува...