Сејдини: ФФМ ја презема одговорноста…, веќе побаравме од УЕФА со старите дресови да играме на ЕВРО 2020

По негативните реакции од јавноста околу изгледот на новиот дрес на македонската фудбалска репрезентација за настап на ЕВРО 2020, и официјално од Фудбалската федерација на Македонија информацијата дека веќе е испратено барање до УЕФА да се настапува во старите досегашни дресови со кои се избори настапот на собирот на најдобрите на Стариот континент.

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини преку соопштение до јавноста информира дека ќе бара одговорност од техничкиот партнер на ФФМ поради неможноста за поддршка на бараната боја, нагласувајќи дека останува желбата Европското првенство да биде запаметено по направениот успех а не да биде засенет од работи кои се полесни за решавања.

„Драги навивачи на македонската репрезентација. Како претседател на Фудбалската федерација на Македонија чувствувам обврска да се обратам до фудбалското семејство во врска со промоцијата на новиот дрес на македонската репрезентација за Европското првенство.
Најпрвин, изразувам искрено жалење за негативните реакции кои што беа предизвикани од бојата на новиот дрес. Свесни сме дека репрезентативниот дрес претставува чест и амбиција на секој фудбалер уште од најрана возраст. Репрезентативниот дрес беше подготвен со голема радост на барање на фудбалерите. Тимот бараше нови репрезентативни дресови. Ние сакавме да го исполниме тоа барање.
За жал, техничката поддршка во однос на бојата на дресот не е во согласност со барањата на ФФМ. Федерацијата и службите во ФФМ целосно ја преземаат одговорноста за овој избор, но исто така ќе побараат одговорност и од техничкиот партнер.
Како претседател на федерацијата ја преземам мојата одговорност за евентуални последици и најавувам дека на Европското првенство ќе играме со досегашните дресови.
Тоа што не влијаев и имав доверба во работата на службите во ФФМ во креирањето на новиот дрес, не значи дека треба да молчиме кога пошироката јавност го искажува своето мислење. Инсистирам настапот на Европското првенство да биде запаметен по прекрасниот успех што го направивме и да не биде засенет со работи кои се полесни за решавање.
Поради реакциите од бојата на дресот, ние како Фудбалска федерација на Македонија пративме допис до УЕФА со кој бараме натпреварите од Европското првенство да ги одиграме со актуелните дресови. Се надевам дека УЕФА ќе има разбирање за нашето барање и ќе излезе во пресрет на истото.
Со актуелниот репрезентативен дрес игравме на Европското првенство 2017, со тој дрес остваривме историски пласман на ЕУРО 2020 и со тој дрес ќе се претставиме на првенството кое со нетрпение го очекуваме.
Ве повикувам со добра мисла да ги испратиме нашите херои на Европското првенство. Навивачкиот дух да им биде ветер во грб“ – се вели во реакцијата од претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Се вчитува...