Поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, по речиси 100 дена минати во затворски притвор, од денеска е во домашен притвор.
Сејдини пред судот депонирал банкарска гаранција во вредност од 1,15 милиони евра, доволно за судењето по обвинението за проневера на повеќе од 700.000 евра поврзани со изградбата на трибината на стадионот во Охрид, како и за финансиски злоупотреби во Фудбалската федерација на Македонија, да го очекува од домашен притвор.
Како што соопшти Судот, гаранцијата се состои од засновање хипотека врз недвижен имот. Истовремено, за да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот тек на постапката, на Сејдини му е определена мерка на претпазливост – одземање на патната исправа.
Сејдини беше приведен по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, а на 24 април годинава му беше определен 30-дневен притвор поради опасност од бегство и можност да влијае врз сведоци во истрагата.
Тој е осомничен за кривичното дело „Проневера во службата“ од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од Кривичниот суд информираат дека по барањето на одбраната за укинување на притворот со понудена гаранција, Основното јавно обвинителство дало позитивно мислење. Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот, а бидејќи против решението не била поднесена жалба, тоа станало правосилно.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
