СЕКОЈА ЧЕСТ: Начевски и Николов, перфектни од почеток до крај на ОИ во Токио

Франција и Данска одиграа фантастично финале на ракометниот турнир од ОИ во Токио, во кое во целокупното ракометно шоу маестрално се вклопија и македонските арбитри Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Нашите судии беа на висина на задачата буквално од самиот почеток на Олимписките Игри, од коло во коло добиваа нови дерби натпревари и редовно одговараа максимално на предизвикот. Во четвртфиналето го судеа мечот Германија – Египет, а откако не беа делегирани во полуфиналето, тоа беше само најава дека Македонците ќе ја добијат најголемата можна чест – да бидат делители на правдата на олимпиското финале.

Предизвикот беше голем, но Начевски и Николов маестрално одговорија на него, беспрекорно го водеа мечот од почеток до крај, и покрај големиот влог целосно држејќи го напреварот под контрола.

Со денешната арбитража, Македонците само потврдија дека се најдобри ракометни судии на денешницата, достојни амбасадори на нашата земја на големите натпреварувања ширум светот.

Се вчитува...