Кошаркарите на ТФТ испишаа клупска историја откако стигнаа до големото финале во АБА2-лигата, со максимални 2-0 славејќи во полуфиналната серија со Сутјеска. Црногорците влегоа како големи фаворити, со далеку поголем буџет од македоскиот вицепрвак, но карактерот и храброста на „црно-белите“ од Тафталиџе пресудија, ТФТ да слави и на денешниот втор меч, прв во Скопје со убедливи 90-77, и во голем стил да го осигура пласманот во големото финале.
ТФТ одигра импресивно прво полувреме, Сутјеска последен пат водеше со 7-8 на почетокот од четвртата минута, по што со тројката на Дејвис почна извонредната серија на македонскиот вицешампион. „Црно-белите“ од Тафталиџе продолжија со беспрекорен напад, во главна улога беше Дејвис, а со поените на Тома Стојаноски македонскиот претставник стигна и до првото двоцифрено водство (23-12). До крајот на четвртината тројца од четирите Американци (Дејвис, Гордон и Самервил) имаа по две лични грешки, но ТФТ не дозволи тоа да се одрази на резултатот, добивајќи ги првите десет минути со 27-14.
Црногорците налетаа на уште поголема фурија во црно-бело на стартот од вториот период, предноста на домашниот тим се зголемуваше, со тројката на Гордон ТФТ имаше 34-16, а истиот играч погоди уште еднаш од далечина за 37-18. Во шутерски ритам влегоа и македонските играчи, Ташовски и Зафиров погодија тројка и разлика отиде над 20 поени (47-25). ТФТ имаше најубедливи 49-25, а атмосферата дополнително зовреа кога на теренот влезе искусниот Нури, еден од креаторите на овој успешен спортски колектив. Ритамот на ТФТ опадна во финишот од полувремето, а противникот го искористи тоа за да намали на 50-34, резултат со кој се замина на одмор.

Судиите почнаа со чуден критериум од самиот старт на третиот период, со три лични грешки за ТФТ за помалку од минута, една од нив неспортска од Гордон. Македонскиот тим имаше одговор, па со тројката на Ташовски дојде до 55-36, но во 25. минута при 58-42 четвртата лична грешка ја доби центарот Самервил. Шутот од далечина веќе не го служеше македонскиот тим како во првото полувреме, па при водство од 60-48 тренерот Смилковски беше принуден да побара тајмаут. Во моментите кога не одеше во нападот импресионираше Стојаноски со борбеност и неколку офанзивни скокови. Стојаноски веќе во следните два напади на Сутјеска дојде до петта лична грешка, згора на тоа доби и техничка за приговор, па во ситуација кога и Самервил имаше четири, Смилковски беше принуден да играсо исклучително ниска петорка. Говенс погоди клучна тројка за 68-55, гостинскиот тренер Симоновиќ побара тајмаут, но ТФТ одигра перфектна одбрана до крајот на четвртината, дополнително зголемувајќи ја предноста на 72-55 преку Ташовски и Гордон.
Последниот период почна одлично за македонскиот тим, за 79 секунди предноста скокна на +21 (76-55), по што Симоновиќ очајничкки побара уште еден тајмаут. ТФТ имаше 82-59, но по тројката на гостите заа 82-66 домашниот тренер побара минута одмор, на 5:16 минути до крајот. „Црно-белите“ од Тафталиџе имаа одговор, на две и пол минути до крајот езултатот гласеше 85-71, Сутјеска стигна до 85-75, но ТФТ умешно го приведе мечот до крај, не дозволи триумфот да биде доведен во прашање, славејќи со конечните 90-77.
Дејвис ги предводеше стрелците на ТФТ со 23 поени, Ташовски повторно беше извонреден со 19 поени, додека со по 17 поени мечот го завршија Гордон и Говенс.
Ривал на ТФТ во големото финале од АБА2 лигата ќе биде Широки Бријег, кој во втората полуфинална серија славеше над Хелиос Домжале со 2-0 во победи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
