Секоја чест: Црна Гора со сензација против Франција до бронзата на ЕП 2022

ЕКИПА во Љубљана,

Стеван Цаневски

Црна Гора приреди големо изненадување славејќи над фаворитот Франција со 27-25, по продолженија, за освојување на бронзениот медал на европскиот шампионат. Ривалот од кого загубија со осум гола разлика пред само неколку дена во Скопје овојпат не делуваше така надмоќно, напротив, Црногорките беа селекцијата што во долги периоди ги контролираше играта и резултатот. Големата грешка на Грбиќ и подарениот пенал за израмнување во последните секунди од мечот не ги исфрлија од ритам одличните црногорски ракометарки, кои во продолжението повторно го надиграа францускиот состав и апсолутно заслужено се радуваа на победата.

Французинките импресионираа со цврстата одбрана на стартот, но тоа не го претворија во поубедливо водство правејќи низа грешки во додавања во фазата на нападот. Црна Гора ја стабилизираше играта со влегувањето на голманката Батиновиќ, Црногорките конечно добија сигурност и во нападот, поведувајќи со 8-6 и со 10-8. Французинките се вратија и за момент поведоа со 11-12, но Црна Гора ги одигра подобро последните минути од полувремето, со голот на Грбиќ на одмор заминувајќи со предност од 13-12.

И стартот од вториот дел мина во знакот на балканската селекција, која со голот на Јауковиќ во 37. минута поведе со плус три (16-13) во 37. минута од натпреварот. Крумбхолц побара тајмаут, но откако ситуацијата не се промени, францускиот селектор во 48. минута повторно побара минута одмор, одново при негатива на неговиот тим од три гола (20-17). Овојпат советите вродија со плод, Црна Гора десет минути не постигна гол, а Франција поведе со 20-21. Во супердраматичната завршница Црногорките дадоа два брзи гола и поведоа со 22-21, по што имаа и напад  на 20 секунди до крајот. Судијките пребрзо кренаа рака и досудија пасивен напад, по што Итана Грбиќ изреагира почетнички, спречувајќи брза акција на Франција на противничката половина. Согласно правилата, следеше црвен картон за Грбиќ и пенал на две секунди до крајот за олимписките шампионки, кои преку Зади Деуна се изборија за продолженија.

По првите пет минути Црна Гора имаше водство од 24-23, а потоа во вториот дел Црногорките заиграа уште подобро, на крајот заслужено триумфирајќи со конечни 27-25.

Се вчитува...