Селекторот на Австрија изненади: Голманот на Базел избришан од списокот за ЕВРО 2020

Австрискиот селектор Франко Фода дополнително го навлече бесот на јавноста во оваа земја откако од завршниот список за ЕВРО 2020  реши да го избрише Хајнц Линднер. Фода веќе беше критикуван поради изборот на одредени играчи и изоставувањето на неколку фудбалери, но се очекуваше Линднер, кој бранеше во одлична форма во дресот на Базел, да атакува на местото на прв голман за време на европскиот шампионат.

Сепак, Фода реши од четворицата голмани кои ги имаше на поширокиот список да го избрише токму Линднер, давајќи им предност на Александер Шлагер од ЛАСК, Павао Перван, кој е резерва во Волфсбург, и на Даниел Бахман од Ватфорд, кој се уште нема ниту еден настап за сениорската репрезентација на Австрија.

Покрај Линднер, од поширокиот список на австриската национална селекција отпаднаа и Адријан Грбиќ, Хусеин Балиќ и Филип Мвене.

Токму Австрија ќе биде прв ривал на Македонија на ЕВРО 2020, меч што ќе се игра на 13 јуни во Букурешт со почеток во 18 часот.

Се вчитува...