Селекторот на Шкотска од Скопје: „Дојдовме по прва победа под мое водство!“

Селекторот на Шкотска, Себастиен Покоњоли е оптимист дека неговата селекција може да ја оствари првата победа под негово водство утре, и тоа на гостувањето против Македонија на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Белгискиот стратег отфрли каква било помисла дека врз неговиот тим постои дополнителен притисок за постигнување позитивен резултат. Шкотите освоија само еден бод – и не постигнаа гол – на првите два натпревара во Лигата на нации под водство на неодамна назначениот селектор, откако ремизираа 0-0 во Словенија, а потоа во вторникот претрпеа пораз од 3-0 на домашен терен од Швајцарија.

На прашањето дали чувствува притисок Покоњоли на прес-конференцијата во Скопје ќе рече:

„Притисок? Не, бидејќи чувствуваме само предизвик да бидеме подобри од меч во меч. Мораме да одиме чекор по чекор. Секако, сакаме овој прв собир да биде навистина позитивен на теренот. Што се однесува до пласманот во А-дивизија, тоа ни е цел, но сметам дека е важно играчите да ја остварат првата победа за сè да добие смисла, бидејќи победата дава слобода на теренот за носење одлуки и го забрзува процесот. Да ги освоевме трите бода во Словенија, што сметам дека го заслуживме, можеби ќе зборувавме поинаку“.

Покоњоли навести дека веројатно нема да прави големи промени во тимот во сабота, бидејќи смета дека раниот црвен картон за Џек Хендри го лишил од можноста соодветно да го анализира почетниот состав што играше против Швајцарија.

„Се надевам дека утре ќе можеме да го покажеме она што го вежбавме изминатите денови на подготовките, она што го прикажавме во текот на 60-те минути во Словенија, и едноставно да се обидеме да дојдеме до првата победа. Ќе има одредени промени, но не многу. Можеби пред подготовките се планираше да има повеќе измени, бидејќи сакавме да одиграме добар натпревар врз основа на она што го подготвивме за првите два меча и да добиеме соодветна потврда“ – рече шкотскиот селектор.

Се вчитува...