Селекторот потврди: На следните собири ќе има повик и за Георг Стојановски и Илиевски, Караташ не е тука поради административни проблеми

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски, на денешната прес-конференција потврди дека има уште неколку имиња кои се разгледуваат како можност за вклучување во репрезентативниот список, и покрај тоа што сега не се повикани за престојниот собир за Лигата на нациите.

„Размислував и за Георг Стојановски и Марио Илиевски во нападот, но ќе добијат повик во иднина. Георг ќе биде повикан во младата репрезентација, а Илиевски се повреди и тоа е причината што не се повикани“, информираше Седлоски.

Што се однесува, пак, до членот на турски Галатасарај, Караташ тој има желба да игра за Македонија, но сега не може да биде тука поради административните процедури.

„Караташ беше двапати во Македонија, разговаравме и сака да игра за Македонија. Сепак, се чека административна согласност од Турската федерација и верувам дека за брзо ќе можам да го повикувам“, соопшти Седлоски.

Македонија првиот меч од новата сезона во Лигата на нации ќе ја започне против Швајцарија на домашен терен, на 26 септември.

Се вчитува...