Сензација: Башкими го победи Рилски спортист за финале во БИБЛ

ЕКИПА во Самоков,

Стеван Цаневски, Роберт Спасовски

Кошаркарите на Башкими приредија огромно изненадување откако во вториот полуфинален натпревар од Ф4 турнирот во БИБЛ-лигата го совладаа домаќинот Рилски спортист со резултат 71-72. Ниту домашната публика не му помогна на бугарскиот состав да влезе во посакуваниот ритам, па Башкими со зонска одбрана во финишот ги изненади домаќините и стигна до историска победа.

Гостите одлично ја одиграа првата четвртина, добивајќи го овој дел од мечот со 14-24. Рилски спортист ја стабилизираше одбраната и во вториот период успеа да израмни, за потоа во второто полувреме да се проследи израмнета битка. Башкими имаше „плус осум“ во последната четвртина, Рилски се врати и поведе, но потоа во завршните минути бугарскиот тим не се снајде против зоната на противникот, промаши бројни удари за тројка.

Бозов положи за водство од 71-70 на дваесет секунди до крајот, но потоа прекршок над Мос по кој Американецот на Башкими ги погоди двете слободни фрлања на три секунди до крајот и му ја донесе победата на косовскиот тим.

Мос со 19 поени беше најдобар поединец во победничката екипа, додека кај Рилски најдобар стрелец беше Георгиев со 18 поени.

Македонскиот претставник Блокотехна утре во мечот за третото место ќе се сретне со Рилски спортист, додека во битката за трофејот силите ќе ги одмерат Левски Лукоил и Башкими.

Се вчитува...