Сензација: Фени го зеде скалпот на МЗТ Скопје

Фени индустри приреди сензација во вториот полуфинален натпревар од Купот на Македонија, триумфирајќи со 80-79 над бранителот на трофејот МЗТ Скопје. Актуелниот првак беше апсолутен фаворит, но не успеа да ја оправда оваа улога откако во меч со бројни пресврти повеќе нерви во драматичната завршница имаа домашните кошаркари. Имено, МЗТ имаше „плус четири“ на 24 секунди до крајот, но и тоа не беше доволно, па Фени индустри со поените на Чешковиќ и на Николовски стигна до голема победа и место во големото финале, кое ќе го игра утре против Карпош соколи.

МЗТ Скопје фуриозно го почна натпреварот, па на самиот почеток бранителот на трофејот стигна до двоцифрена предност, поведувајќи со 13-3. Таа „тринаесетка“ се покажа малерозна за актуелниот шампион, со оглед на тешката повреда на коленото што ја заработи Ван Остром при доскокот при едно лесно положување. Повредата ги исфрли од ритам избраниците на Анте Назор, па Кире Николовски со тројка ја прекина серијата на МЗТ. „Сино-белите“ на една минута до крајот на четвртината имаа предност од 22-11, но Фени со поените на Стајиќ и на Чешковиќ намали на 22-16.

kire nikolovski mzt

Тоа беше само најава за одличната втора четвртина на кавадарчани, кои јасно ставија до знаење дека немаат намера лесно да се предадат пред фаворитот од Скопје. Избраниците на Малинков најпрвин со добра одбрана го неутрализираа нападот на противникот, а потоа во ритам влезе Кире Николовски, кој со три тројки донесе предност на кавадаречкиот клуб, кој замина на одмор со 42-38.

МЗТ Скопје ја консолидираше играта во одбрана на стартот од третата четвртина, оневозможувајќи ги домаќините така лесно да го најдат патот до кошот. Ваквиот пристап вроди со плод, па „металците“ набрзина го вратија резултатот во своја полза. Малинков зеде тајмаут при водство на противникот од 54-48, по што домаќините ја консолидираа својата игра и не дозволија предноста уште повеќе да се зголеми, па во последните десет минути се влезе со резултат 63-59 за МЗТ.

IMG_7867

Бобан Стајиќ ја отвори четвртата четвртина со тројка, домашниот тим доби на самодоверба, па со поените на Николовски од рекетот Фени на нешто повеќе од шест минути до крајот поведе со 66-65, принудувајќи го Анте Назор на тајмаут. Сепак, тренерот на МЗТ не го запре налетот на Фени, Николовски повторно беше прецизен, потоа тројка погоди и Магдевски, но за среќа Лалиќ и Скот погодија удари од далечина, па бранителот на трофејот не им дозволи на домаќините да создадат поголема предност. Фени повторно влезе во серија, Шарабидзе и Стајиќ беа прецизни за ново водство од „плус четири“ (75-71), па Назор повторно мораше да земе тајмаут во обид да го разбуди својот тим. Лалиќ беше прецизен по офанзивниот скок, потоа Фени не реализираше два напади, па Лалиќ со тројка донесе предност на МЗТ Скопје од еден поен (75-76) на една минута до крајот.

Дојде ред на Љупчо Малинков да побара тајмаут, но Фени не ги искористи и следните два напади, по што Марко Симоновски погоди тројка на 24 секунди до крајот, за 75-79. И кога сите помислија дека мечот е решен, Чешковиќ погоди тројка од аголот, а згора на тоа беше досуден и прекршок на друг дел од теренот (Лалиќ над Шарабидзе), па Фени доби уште еден напад. Кавадарчани веднаш реализираа под кошот преку Николовски, па експресно поведоа со 80-79, по што Назор зеде уште еден тајмаут за да го намести последниот напад на МЗТ. Дреновац ја презеде одговорноста, но промаши, непрецизен беше и Скот по офанзивниот скок, па Фени индустри стигна до сензационална победа од 80-79, симнувајќи го МЗТ Скопје од тронот во Купот на Македонија.

Николовски со 22 поени беше најефикасен кај Фени индустри, пред Стајиќ, кој беше одличен со 16 поени против својот поранешен клуб.

Големото финале меѓу Фени индустри и Карпош соколи ќе се игра утре со почеток во 19 часот.

Се вчитува...