Сензација: Манасков и Веспрем на работ на елиминација од ЛШ

Веспрем влезе во оваа сезона како еден од главните фаворити за титулата во ЛШ, но тимот на Дејан Манасков се наоѓа на работ на елиминација веќе во осминафиналето од ова натпреварување, откако го загуби првиот меч против Скјерн со убедливи 32-25.

Унгарскиот гигант влезе како огромен фаворит во овој меч, но тренерот Врањеш и неговите избраници скапо платија за преголемата самоуверноста, па сега ќе се соочат со исклучително тешка задача на реваншот што ќе го играат следниот викенд на домашен терен.

Дејан Манасков погоди за 0-1, во втората минута Веспрем имаше и 1-2, и тоа беше се што унгарскиот првак успеа да стори на овој натпревар. Одбраната на чело со голманот Миклер воопшто не функционираше, а расположените дански ракометари знаеја како да го искористат тоа, па на одмор се замина со предност на Скјерн од 17-13. Врањеш на полувремето го замени Манасков со Угалде, иако македонскиот ас беше еден од најдобрите поединци во редовите на Веспрем. Унгарскиот состав продолжи да тоне, а Скјерн со полетна игра ја зголеми предноста се до конечните 32-25, иако на две минути до крајот домаќините имаа и „плус девет“, за Веспрем да постигне два гола во самата завршница.

Дејан Манасков за едно полувреме успеа да реализира три гола од четири обиди, а најефикасни кај Веспрем беа Маргуч со шест и Тонесен со пет погодоци. Кај Скјерн најзаслужни за големата победа беа Расмусен и Олсон со по шест гола.

Се вчитува...