СЕНЗАЦИЈА: Металург го освои Купот на Македонија, Вардар шокиран во Куманово

Металург е сензационален победник на Купот на Македонија откако во пенал-рулетот успеа да го совлада фаворитот Вардар со конечни 33-32. „Металурзите“ се вратија од почетните пет гола негатива, потоа и од „минус четири“ на крајот од полувреме, за на крајот да стигнат до најзначајната победа во последните неколку години.

„Црвено-црните“ тргнаа фуриозно, па за пет минути игра експресно поведоа со 5-0. Раното убедливо водство како да придонесе да дојде и до опуштање во нивната игра, па „вардарци“ почнаа наивно да грешат во нападот, а Металург знаеше како да го искористи тоа и да ја намали предноста на противникот. По предноста на Вардар од 7-5 и 8-6, Металург дојде и до само еден гол разлика (12-11), но избраниците на Парондо благодарение на фуриозниот финиш и головите на Скубе и на Чупиќ на одмор заминаа со „плус четири“ (16-12).

Се чинеше дека вториот дел ќе биде рутина, но ракометарите на Металург имаа поинакви планови. Цврстата одбрана и одличните одбрани на голманот Дупјачанец му помогнаа на тимот од „Автокоманда“ не само да се врати во мечот, туку и да направи пресврт. „Сино-белите“ имаа и предност од три гола (19-22), но потоа влегоа во криза во нападот, неполни девет минути беа без постигнат погодок, па Вардар поведе со 23-22. Драмата кулминираше во завршницата, повторно во ритам влезе Дупјачанец бранејќи му и пенал на Чупиќ, по што Металург во неколку ситуации имаше „плус еден“. Криштопанс со две „бомби“ носеше израмнувања, а потоа истото го стори и Тимур Дибиров, со гол од крило за 28-28 на 100 секунди до крајот на финалето.

Шпенде ја презеде одговорноста, со прекрасна финта се ослободи од противникот, па стрелаше прецизно за водство на Металург од 28-29, по што Скубе изнуди пенал на половина минута до крајот. Чупиќ го надмудри голманот на Металург, по што беше земен тајмаут во пресрет на последниот напад. Шутот на Јагуриновски беше блокиран, потоа се обиде и Шпенде, но Гедбан го одбрани неговиот шут, па финалето беше решено со пенал-завршница.

Дупјачанец уште на стартот го одбрани првиот седмерец на Чупиќ, по што Серафимов донесе водство за Металург по почетната серија. Дупјачанецот повторно блесна и го запре и Дибиров, па по реализацијата на Токиќ, Металург имаше огромно водство од 2-0. Карачиќ конечно го совлада голманот на Металург, по што Милосављев го запре Пучник и ја намали негативата на „вардарци“. Поповски и Шпенде двајцата беа прецизни во четвртата серија, па по реализацијата на Скубе, репрезентативецот Марио Танковски ја презеде одговорноста и биеше прецизно, за еуфорија меѓу „металурзите“ по оваа голема победа.

Шпенде беше најефикасен со девет гол, Токиќ постигна осум, а Танкоски и Јагуриноски по пет гола за Металург. Чупиќ со седум и Поповски со пет погодоци беа најефикасни во таборот на Вардар.

Се вчитува...