Сензационална победа на Кристијанштад против Кјелце во ЛШ

Последнопласираниот Кристијанштад славеше сензационална победа против Кјелце со 29-25 и непланирано го отпиша европскиот шампион од борбата за првото место во групата Б. Победата на Кристијанштад директно му оди во прилог на Вардар кој сега и со еден бод во последниот дуел против шведскиот тим на домашен терен, останува на лидерската позиција во групата.

На едно коло пред крај на групната фаза во ЛШ, Кјелце има 16 бода, два помалку од Вардар и послаб скор во меѓусебните дуели со што ги губи и теоретските шанси за првата позиција. Во конкуренција со Вардар останува само Рајн Некар Левен кој е втор со 17 бода.

Поразот во Шведска, беше само продолжение на падот на актуелниот европски шампион кој претходно ги загуби бодовите и на гостувањето во Словенија против Целје. Во дуелот со Кристијанштад, полскиот тим предводен од Талант Душебаев, во првото полувреме во поголем дел беше во водство, но исто како и во Целје, не успеа да го задрѓи истиот ритам до крај. Кристијанштад тргна во офанзива, полувремето го заврши со два гола предност (15-13), а потоа со ефикасна игра во вториот дел стигна до сензационална победа.

Филип Хенингсон и Тим Соренсен постигнаа по шест гола за Кристијанштад. Матеуш Јахлевски со пет гола од пет обиди беше најсветлата точка во играта на Кјелце. Но, јунак на натпреварот беше голманот на Кристијанштад, Небојша Симиќ, кој имаше фантастични 20 одбрани и најголема заслуга за сензационалната победа на шведскиот тим.

Во третиот денешен натпревар од Б групата, Пик Сегед го победи ППД Загреб со 26-21.

Табела: Вардар 18 бода, Рајн Некар Левен 17, Кјелце 16, Пик Сегед 15, Мешков Брест 14, Целје 9, Кристијанштад 8, ППД Загреб 7.

Првопласираната екипа во групата ја прескокнува осминафиналната фаза и игра директно во четвртфиналето, а екипите од од 2 до 6 место продолжуваат во Топ 16.

Се вчитува...