Сезоната заврши, Евертон и Вест хем веднаш ќе менуваат тренери

Само неколку дена по завршувањето на премиерлигашката сезона клубовите ги повлекуваат првите конкретни чекори, особено оние кои не се задоволни од работата на своите менаџери. Така, Евертон и Вест хем подготвуваат промени на своите клупи, а веќе се почнати и разговорите за доведување на нови стратези кои ќе имаат целосна контрола над преодниот рок и доведувањето и заминувањето на фудбалерите.

Сем Алардајс нема долго да остане во Евертон, откако поранешниот англиски селектор не ги убеди челниците на клубот дека може да се вклучи во битката за висок пласман. Неатрактивниот фудбал по кој Алардајс вообичаено е препознатлив, надополнет со слабите резултати, е главна причина поради која овој стручњак до крајот на оваа седмица ќе добие отказ. Нов тренер на Евертон речиси сигурно ќе стане Марко Силва, португалскиот стручњак што ја почна сезонава во Ватфорд, но заработи отказ пред неколку месеци. Силва беше прв „пик“ на Евертон и по смената на Роналд Куман, тогаш Ватфорд не сакаше ни да чуе за разделба од овој стратег, но сега не постојат пречки за младиот и перспективен стратег да се пресели на „Гудисон парк“.

Дејвид Мојес нема да го „преживее“ летово како менаџер на Вест хем, откако раководството на лондонскиот клуб веќе му ставило до знаење дека нема да му го продолжи договорот што истече со крајот на оваа сезона. „Чеканите“ веќе се во потрага по нов менаџер, а главен фаворит е актуелниот тренер на Шахтјор Доњецк, Пауло Фонсека, со кого вчера биле водени интензивни преговори.

Се вчитува...