Шабани: Струга ТЛ посакува триумф на стартот на првенството

Струга Трим Лум ја отвора новата сезона на домашен терен и денеска (17 часот) го пречекува новиот прволигаш Шкендија Арачиново. Капитенот на стружани Буњамин Шабани очекува неговиот тим да стартува со триумф и три бода, но истакна дека противникот заслужува максимален респект.

„Мечот против Шкендија Арачиново е многу важен за нас, затоа што се работи за почеток на новото првенство. Работевме напорно во подготвителниот период и сметам дека целосно подготвени го очекуваме стартот на сезона. Иако оваа сезона првпат ќе настапуваат во Првата лига, тие беа многу активни на трансфер-пазарот и доведоа неколку квалитетни фудбалери. Станува збор за екипа која заслужува почит. Ние добро ги анализиравме и мора да го дадеме максимумот ако сакаме првенството да го започнеме на начин каков што посакуваме“, изјави Буњамин Шабани.

Се очекува Шабани денеска да го одигра својот 200. јубилеен натпревар во дресот на струшкиот клуб во сите натпреварувања.

Шабани е фудбалерот со најдолг стаж во Струга Трим Лум. Кумановецот ќе ја започне својата седма последователна сезона во клубот, со што е најверниот играч и фудбалерот со најмногу настапи во историјата на тимот.

„Можам да кажам дека ова е голема чест и чувство кое тешко се опишува со зборови. Не е лесно да влезете во историјата на еден клуб, но еве, тоа ми се случува. Ова покажува колку се важни меѓусебната доверба, лојалноста и почитта што ги имаме. Искрено, во Струга се чувствувам како дома и се надевам дека овој јубилеј ќе го прославиме со победа на денешниот натпревар“, изјави Шабани.

Се вчитува...