Шампионот без проблеми го совлада Мулти Есенс

Ракометарите на Еурофарм Пелистер славеа на гостувањето против Мулти Есенс со 26-36, продолжувајќи ја триумфалната серија во домашното првенство. Битолчани слично како и на првиот дуел со истиот ривал, не видоа мака да стигнат до бодовите против новиот суперлигаш, а тренерот Ангеловски имаше можност да им даде шанса и на оние ракометари кои немаат преголема минтуажа во Лигата на Шампионите.

Битолчани уште во првото полувреме наметнаа темпо што младиот домашен состав не можеше да го следи, шампионот рано поведе со 2-6, нешто подоцна и со 4-10, потврдувајќи ја разликата во квалитет. Мулти Есенс се консолидираше и до крајот на полувремето успеа да намали на 13-17, но Пелистер на стартот од вториот дел набрзина поведе со 14-22, дополнително зголемувајќи ја разликата до самиот крај и конечните „плус десет“.

Павле Петровиќ беше одличен во победничкиот состав постигнувајќи 11 погодоци, шест постигна Костески, додека кај Мулти Есенс најефикасни беа Димевски, Узунчев и Карасманакис со по пет гола.

Се вчитува...