Шампионски танц на Голден Стејт, нова симултанка на Харден

Голден Стејт стигна до нова победа откако актуелниот првак премногу лесно триумфираше над Мемфис со 110-93. Сите дилеми околу победникот беа решени во првото полувреме што „воините“ го добија со 61-37, по што Стив Кер можеше и да одмори дел од „ѕвездите“ во периоди од второто полувреме. Стеф Кари сепак ќе го памети овој меч бидејќи на него ја мина границата од 15.000 поени во кариерата, додека Кевин Дурант го мина Лери Бирд на 33. место на вечната листа на стрелци во НБА-лигата (21.791 поен).

Џејмс Харден одигра уште еден фантастичен натпревар за Хјустон, постигнувајќи 47 поени во победата над Јута џез од 102-97. „Џезерите“ дадоа силен отпор во Хјустон, но не најдоа начин да го запрат извонредниот бек, кој со тројка на 13 секунди до крајот при резултат 99-97 ги разреши сите дилеми околу победникот.

Расел Вестбрук стигна до нов трипл-дабл (111. во кариерата), реализирајќи 13 поени, 16 скокови и 11 асистенции во победата на Оклахома сити над Чикаго од 121-96. Пол Џорџ беше најефикасен за Оклахома со 24 поени, а одличен придонес даде и Адамс, реализирајќи 19 поени.

Лилард со 39 поени го предводеше Портланд до голем триумф на гостувањето против ЛА клиперс, во директна битка за што подобар пласман во Западната конференција. Исто толку во таборот на клипери реализираше Харис, но тоа сепак беше недоволно за клиперси да стигнат до победата.

Резултати НБА:

Детроит – Милвоки 104-107, Њујорк – Феникс 110-128, Хјустон – Јута 102-97, Минесота – Сакраменто 132-105, Оклахома сити – Чикаго 121-96, Сан Антонио – Филаделфија 123-96, Голден Стејт – Мемфис 110-93, ЛА клиперс – Портланд 127-131.

Се вчитува...