Шанса помалку за Македонија: САД оди на СП во Египет

Македонија остана со значително намалени шанси за добивање на вајлд-карта за пласман на СП 2021 откако селекцијата на САД доби специјална покана од ИХФ да биде дел од Мундијалот во Египет. Квалификациите за Северна Америка и Карибите не се одржаа поради коронавирусот, поради што регионалната федерација побара од ИХФ светската куќа на ракометот да одлучи која селекција ќе го претставува северноамериканскиот континент на СП во јануари 2021 година.

САД е логичен избор кога се избираше од селекциите кои требаше да се најдат во тие квалификации, па ИХФ денеска и официјално објави дека американскиот национален тим е повикан да учествува во Египет, и тоа во силната група Е заедно со селекциите на Франција, Норвешка и Австрија.

ИХФ има за доделување само уште една вајлд-карта, поради неодржаниот турнир во Јужна Америка, но оваа конфедерација објави Чиле да биде дел од СП крај селекциите на Бразил и на Аргентина. Шансите на Македонија се повеќе се намалуваат, а последна надеж за нашиот национален тим би било откажување на учеството на некоја од селекциите со веќе обезбедена мундијалска виза, поради ризикот од коронавирус.

Се вчитува...