Шенсои: Не е ништо решено, но одиме кон финале во Купот…

Стратегот на Пелистер, Наџи Шенсои, очекувано е задоволен по ремито на неговиот тим на гостувањето против Брегалница во Штип, на првиот натпревар од полуфиналето во Купот на Македонија.

Оние 2-2 од Штип и тоа како ветуваат за „пелистерци“ пат кон финалето во најмасовното домашно клупско натпреварување. Но, Шенсои повикува на максимална сериозност на реваншот, затоа што ништо не е решено до крај…

„Видовме еден навистина квалитетен натпревар, на едно високо ниво од двете екипи. Ние ја имавме иницијативата, можевме и да победиме, но мислам дека резултатот е реален. Секако, тоа не ни дава за право да се опуштиме пред реваншот. Напротив, ништо не е решено, иако имаме добри шанси да стигнеме до толку посакуваното финале“ – вели Шенсои по одиграното полуфинале во Купот.

Дека ништо се уште не е решено смета и тренерот на Брегалница, Здравко Цветаноски…

„Мислам дека заслуживме победа, но непостоечкиот пенал ја поремети нашата игра. Пелистер незаслужено дојде до израмнување, затоа што мислам дека пенал не постоеше. Потоа некако паднавме во играта, но верувам дека имаме активен резултат. Ништо не е решено, ќе се бориме до крај за да одиме во финале“ – вели Цветаноски.

Се вчитува...