Шест Македонци ќе судат сезонава во АБА-лигата

Судиската комисија на АБА-лигата ја заврши првата фаза од формирањето на судиската структура за претстојната сезона, oбјави официјалниот сајт на регионалната кошаркарска лига.

Во соопштението се наведува дека на јавниот повик кој го упати АБА-лигата се пријавиле 77 судии, од кои 31 се избрани за актуелната листа на судии и на неа се наоѓаат шест македонски арбитри. Тоа се Боро Антовски, Игор Темелков, Марио Маџоски, Петар Петровски, Стефан Ристовски и Владимир Михајловиќ.

За натпреварите од второто коло во АБА-лигата кое ќе се игра од денеска до понеделник, судиската комисија која ја предводи Шпанецот, Мигел Анхел Перес, се делегирани 26 судии.

Исто така познати се и останатите официјални лица, 38 делегати и 15 посматрачи со што е затворена оперативната структура за организација и надзор на натпреварувањето.

“Процесот на евалуација и селекција е спроведен во согласност со новиот правилник за работа на судиската комисија на АБА-лигата. Судиската комисија ќе продолжи да ја следи, проценува и подобрува судиската структура во текот на целата сезона, а посебен акцент ќе биде ставен на едукацијата и примената на јасно дефинираните судиски критериуми“, стои во дел од соопштението на АБА-лигата.

На листата на судии има кои ќе ја делат правдата во АБА-лигата има арбитри од Шведска, Словенија, Црна Гора, Колумбија, Италија, Германија, БиХ, Бугарија, Романија, Австрија, Полска и Словачка.

Се вчитува...