Шифрин испиша историја во женското скијање

Микаела Шифрин испиша нови страници во историјата на женското скијање откако денеска славеше на слаломот во чешкиот ски-центар Спиндлерув Млин. Таа го освои првото место во голем стил, со дури 85 стотинки подобро време од второпласираната Венди Холденер, додека третопласираната Петра Влхова имаше 2.03 секунди послабо време од победничката.

Ова беше вкупно 15. победа сезона во Светскиот куп за Шифрин, што е апсолутен рекорд за една натпреварувачка сезона во женското скијање. Претходно овој рекорд беше сопственост на Френи Шнајдер, која имаше 14 победи во сезоната 1988/89.

Американката воедно и стигна до Кристалниот глобус за слалом по шести пат во последните седум години, а трета сезона по ред е и апсолутна победничка во Светскиот куп.

Се вчитува...