Шилегов: Самсоненко може да го врати Вардар на Град Скопје само со салдо нула, онака како и што го зеде

Најтрофејниот македонски клуб, ФК Вардар како и минатата сезона и оваа е во незавидна ситуација пред неможност за добивање европска лиценца поради наталожените долгови од страна на досегашниот сопственик Сергеј Самсоненко, кој во последен час, само неколку дена пред крајниот рок, информираше дека се повлекува од натамошно спонзорирање на клубот.

Самсоненко во своето соопштение до јавноста информираше дека планира да го врати клубот на Град Скопје, па онака лесно, се чини, топката околу покривање на долговите во висина од околу 2 милиони евра создадени во негово време, а притоа без никаков јавен отчет, ја префрли на Град Скопје кој со државни средства сега би требало да покрива приватни долгови.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во денешната дебата на ТВ21 информираше дека во моментов не постои начин како може градот преку буџетските средства од своите граѓани да покрива долгови на акционерско друштво.

„Тоа што ние како сознание го имаме е дека Вардар во овој момент е должен повеќе од два милиони евра. Ете, ние како Град Скопје прифаќаме било каков совет кој што би значел влез на тие средства, и ќе го прифатиме. Ако има начин да се помогне, со задоволство. Но, добро е познато дека Вардар може да биде вратен на Град Скопје само со нула долгови, онака како што Сергеј Самсоненко го зеде од градот пред шест години“ – истакна градоначалникот Шилегов на гостувањето во ТВ21.

Утре, пак, на состанокот меѓу прволигашите и ФФМ се очекува да биде донесена и одлука за судбината на сезоната 2019/2020. Роковите за доставување на неопходната документација за лиценци до ФФМ се изминати, но од страна на Комисијата за лиценцирање е оставен простор за дополнување, по што наредниве денови се очекува и официјалната информација кои од клубовите кои аплицирале ќе добијат лиценца за настап на европската сцена следната сезона.

Се вчитува...