Тренерот на Струга ТЛ, Бледи Шкемби очекувано задоволен од победата над Силекс со која неговиот тим се искачи на второто место на табелата во Првата македонска фудбалска лига.
Стружани славеа минимално со 1-0 со голот на Ласана Диако во 59.минута од средбата.
„Тежок натпревар, но можам да кажам дека остваривме заслужена победа. Сакам да им се заблагодарам на момците за начинот на кој играа и максимумот кој го дадоа на терен. Одигравме добар натпревар, повеќе ги посакувавме трите бода па мислам дека на крајот заслужено го добивме натпреварот. Иако ни недостасуваа некои играчи, оние што излегоа на терен дадоа се од себе за да го добијат натпреварот“ – вели Шкемби.
Стратегот на Струга ТЛ е задоволен и од серијата победи без пораз на домашните натпревари. Победата над Силекс беше четврта, од исто толку натпревари одиграни во Струга.
„Вистина е дека дома бележиме многу добри резултати, но ние како тим мора да играме исто и на домашните и на гостинските натпревари. Задоволни сме што на наш терен, пред нашите навивачи, се справуваме многу добро.“
Следниот натпревар во првенството е против Тиквеш во Кавадарци, каде што ќе се бара првата гостинска победа во новата сезона.
„Натпреварот со Тиквеш несомнено ќе биде многу тежок. Тиквеш, како и Силекс, е исклучително квалитетна екипа, па ќе ни биде тешко. Но, и покрај многуте отсуства, ќе се обидеме да дадеме се од себе во желба да го добиеме натпреварот“ – дополнува Шкемби, кој ќе ја бара 25-тата победа против Тиквеш во својот 42-ри натпревар на чело на струшкиот тим.
Натпреварот Тиквеш – Струга ТЛ е закажан за петок (11 септември) во Кавадарци, со почеток од 16 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
