Шкендија го официјализираше Влатко Стојановски

Фудбалскиот прволигаш Шкендија го потврди потписот со поранешниот македонски репрезентативец, Влатко Стојановски.  Стојановски, кој минатата година беше дел од хрватска Горица се враќа во Тетово, каде што претходно настапуваше за екипата на Ренова, а по три години одново ќе заигра во ПМФЛ.

Стојановски се очекува да биде сериозно засилување за домашното првенство, но и за натпреварите од квалификациите на Конференциската лига на УЕФА. Во својата кариера, освен во Горица и Ренова, Стојановски настапуваше за Олимпик Ним и Шамбле во Франција, Дугополје, Сплит и Неретванац во Хрватска, додека стартот на кариерата го имаше во Металург.

„Мислам дека ова е вистински момент во мојата кариера, да дојдам во клуб како Шкендија кој секогаш игра за титули и има големо искуство во европските натпреварувања. Во Шкендија ќе имам неколку соиграчи со кои имам играно, но има и други играчи кои се многу добри, така што мислам дека се создава многу добар тим со кој ќе освојуваме трофеи“, изјави Стојановски по потпишувањето на договорот.

Тој е трето засилување за Шкендија, откако претходно пристигнаа голманот Давор Талески и Башким Велија.

Се вчитува...