Шкендија го остави Тотенхем зад себе, треба да го прескокне „Тумбе кафе“

Шкендија ја заврши европската одисеја, не разочара против Тотенхем, но, сепак, не можеше да направи чудо и да го елиминира англискиот гигант. Избраниците на Ернест Ѓока немаа многу време ниту да ги средат впечатоците, а повторно мораат да се фокусираат на домашните обврски. Шкендија денеска гостува под „Тумбе кафе“ и ќе игра против Пелистер, а посакува триумф за да го одбрани првото место на табелата од Шкупи.

Во тимот се  враќа и „моторот“ Арменд Алими, со него можеби ќе беше уште подобро изданието и против Тотенхем, а ќе треба креација за да се разбие цврстиот бедем на Пелистер кој го гради Зоран Штерјовски. Битолскиот тим пак, секако ќе сака да остане непоразен во пресметката со фаворитот.

Шкупи оди на гости во Струга, тоа исто така е интересен дуел. Составот на Срѓан Захариевски игра одлично на домашен терен, а Шкупи ако сака да покаже шампионски амбиции ќе мора да освојува бодови на ваквите гостувања.

Академија Пандев повторно е со Југослав Тренчовски на кормилото, а во Струмица денеска го пречекува Силекс. Бодовите се важни и за двата тима, посебно за струмичкиот прволигаш кој сака конечно да исплива од дното каде се наоѓа заедно со „сограѓаните“ од Беласица.

Вардар е фаворит против Беласица на арената „Тодор Проески“, а Ренова во Тетово го пречекува тимот на Македонија ЃП.

Вчера во Велес, Борец и Работнички ремизираа без голови во првиот меч од седмото коло во Првата фудбалска лига.

ПРВА ЛИГА – 7. КОЛО (денеска, 15 ч.)

Скопје: ВАРДАР – БЕЛАСИЦА

Тетово: РЕНОВА – МАКЕДОНИЈА ЃП

Битола: ПЕЛИСТЕР – ШКЕНДИЈА

Струга: СТРУГА ТЛ – ШКУПИ

Струмица: АК. ПАНДЕВ – СИЛЕКС

ВЧЕРА

Велес: БОРЕЦ – РАБОТНИЧКИ 0-0

Се вчитува...