Шкендија го почнува европскиот пат… На триумф против „светците“ од Велс!

Шкендија го почнува својот европски пат. Против велшкиот ТНС македонскиот шампион вечерва од 20:15 часот на арената „Филип Втори“ од Скопје стартува во квалификациите за Лигата на шампионите носен од желбата за пласман во следната рунда натпревари.

Оптимистичко е расположението меѓу „црвено-црните“ иако се свесни дека не може да бидат опуштени против Велшаните кои важат за незгоден состав…

„Подготвени сме за дуелите со ТНС. Добро работевме во текот на подготовките и веруваме во успех. Имаме информации за противникот, играат островски фудбал, но ние сме фокусирани на нашата игра. Посакуваме победа без примен гол и со предност да заминеме на реваншот во Велс“– вели новиот капитен на Шкендија, Арменд Алими.

Стратегот на тетовци, Ќатип Османи ќе може да смета на сите расположиви сили за вечерашниот дуел. И покрај тоа што изминативе денови се жалеше на мала повреда, во првиот тим се очекува да биде и најдобриот стрелец Бесарт Ибраими.

Факт е дека Шкендија, во однос на минатата сезона, е ослабена без Ферхан Хасани и Ардијан Цуцули кои го напуштија клубот, но силно веруваат во редовите на шампионот дека и оваа сезона ќе имаат успешно европско лето.

Се вчитува...