Македонскиот првак Шкендија вечерва (20.15 часот) го игра реванш натпреварот од плејоф колото во Лигата на Европа против норвешкиот тим Розенборг. Тоа е последниот чекор до пласман во групната фаза од ова европско натпреварување, успех што би бил најголем во историјата на клубот, и повторување на резултатот што ланската сезона во македонскиот фудбал го оствари Вардар.
Тимот е подготвен за големото искушение, а ќе треба да се анулираат двата гола негатива (3-1) од првиот меч во Норвешка. Тренерот Ќатип Османи е умерен оптимист и верува дека Шкендија може да одигра на високо ниво.
„Ова е последниот чекор, тој е и најтежок, но максимално сме мотивирани и подготвени за искушението. Розенборг е квалитетен тим, но ние покажавме и во Норвешка дека можеме да се надигруваме. Предноста засега е на страната на противникот, но има уште 90 минути во кои ќе сториме се за да го оствариме најголемиот клупски успех“, вели тренерот Ќатип Османи.
Капитенот Арменд Алими во името на сите соиграчи ја истакна огромната мотивација со која е обземен тимот.
„Знаеме какво е значењето на овој меч. Мотивирани сме, уверени дека можеме да одиграме на европско ниво, и се надеваме дека на крајот ќе се радуваме. Имаме максимален респект за Розенборг, но исто така и верба во сопствените можности“, истакна Алими.
Мечот меѓу Шкендија и Розенборг ќе се игра вечерва, со почеток во 20.15 часот, на арената Филип Втори“, а правдата ќе ја дели белорускиот судија Александар Кулбаков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА