Шкендија ќе жали за два пенали, Розенборг слави со два гола (ФОТО)

Шкендија нема да игра во групната фаза од Лигата на Европа, откако загуби од Розенборг со 0-2 и на реванш мечот од плејоф колото, на арената „Филип Втори“. Македонскиот првак не реализира два пенали, преку Бесарт Ибраими и Изаир Емини, а потоа стигна казната и норвешкиот тим славеше со головите на Евен Ховланд во 67.минута и на Торе Региниусен во 84.минута.

Шкендија тргна офанзивно од самиот почеток, а Енур Тотре во втората минута упати силен удар од 25 метри, кој голманот на Розенборг, Андре Хансен, го одбрани. Потоа македонскиот првак постигна гол, но беше поништен поради офсајд позиција, а во 17.минута Арменд Алими шутираше од работ на шеснаесетникот, но Хансен одбрани.

Три минути подоцна, пенал за Шкендија. Бесарт Ибраими беше соборен во шеснаесетникот, а истиот играч не успеа да го реализира ударот од белата точка. Хансен одбрани, а топката од дирекот се одби во поле и проопадна најзрелата можност за водство. Веќе во следната акција, Изаир Емини исто така пропушти убава шанса за погодок.

Бесарт Ибраими во 34.минута повторно се закани со удар од далечина, но шутираше за малку крај голот. Во следниот напад, Стенио Жуниор беше во шанса, но неговиот удар со глава не беше прецизен.

На стартот на вториот дел, уште еден пенал за Шкендија. Овојпат Изаир Емини ја презеде одговорноста, но и тој не погоди. Голманот на Розенборг, Андре Хансен, го одбрани неговиот шут во долниот десен агол.

И потоа стигна казната. Во 67.минута, Евен Ховланд, во еден од ретките напади на Розенборг, со удар од десетина метри, успеа да ја затресе мрежата на Костадин Захов.

По примениот гол, комплетно падна играта на Шкендија, па Розенборг постигна уште еден гол во финишот. Дефанзивецот Торе Региниусен со удар со глава во 84.минута го постигна и вториот погодок за Розенборг, за трасирање на патот во групите од Лигата на Европа.

ШКЕНДИЈА – РОЗЕНБОРГ 0-2 (0-0)

Арена „Филип Втори“. Гледачи: 8.000. Судија: Александар Кулбаков (Белорусија). Делегат: Гордон Пејт (Шкотска). Стрелци: Ховланд 67’ пен., Региниусен 84’ (Розенборг). Ж. Картони: Жуниор, Муслиу (Шкендија).

ШКЕНДИЈА: Захов, Мурати, Муслиу, Бејтулаи, Мици (86’ Шефити), Алими, Тотре (76’ Бојку), Жуниор, Нафиу (65’ Селмани), Емини, Ибраими.

РОЗЕНБОРГ: Хансен, Хеденштад, Ховланд, Региниусен (87’ Шербечиќ), Мелинг, Лундемо, Конрадсен, Јенсен, Леви (63’ Дениќ), Џебали, Бендтнер (74’ Содерлунд).

Се вчитува...