Шкендија на +10, само бод за Вардар и за Работнички, триумф на Ренова

Лидерот Шкендија ја освои Струмица совладувајќи го тимот на Академија Пандев со 0-1. Репрезентативецот Висар Муслиу беше стрелец на победничкиот гол на стадионот „Младост“ во 30.минута од натпреварот. По нафрлувањето од десната страна, Муслиу со удар со глава ја затресе мрежата на струмичкиот состав. Велинов го погоди дирекот од голот на Шкендија, а гостите си заминаа со трите бода.

Вардар не успеа да слави против Победа во Охрид. Тимот на Александар Васоски одигра без голови и го зголеми заостанувањето во однос на Шкендија на десет бода негатива. Бразилецот Лира имаше убава шанса за вардарци, а искусниот Гешоски се закануваше кон голот на Гачевски.

Работнички го оствари и второто реми под водство на Баже Лазаревски. „Романтичарите“ одиграа 1-1 против Беласица. Христијан Денковски ги доведе гостите во водство во 51.минута, а возврати Николче Шаркоски само четири минути подоцна.

Ренова му го нанесе четвртиот последовен пораз на Шкупи, славејчи со 1-0. Влатко Стојановски во 45.минута беше стрелец на победничкиот погодок за „гипсарите“.

Силекс и Македонија ЃП ремизираа 1-1. Христијан Кировски пред крајот на првото полувреме донесе предност за „лавовите“, а Дарко Алексовски со реализација на најстрога казна во 66.минута обезбеди бод за Силекс.

ПРВА ЛИГА, 26.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКЕНДИЈА 0-1

ПОБЕДА – ВАРДАР 0-0

РАБОТНИЧКИ – БЕЛАСИЦА 1-1

РЕНОВА – ШКУПИ 1-0

СИЛЕКС – МАКЕДОНИЈА ЃП 1-1

Табела: Шкендија 59, Вардар 49, Академија Пандев 45 (-1), Ренова 36, Шкупи 33, Работнички 33, Македонија ЃП 31, Силекс 25, Беласица 23, Победа 19.

Се вчитува...